07.IV.1941 год. и операциите во Македонија

Користејќи се со успесите од претходниот ден, Германците и на 07 април 1941 год. ги продолжуваат со уште посилни трупи операциите во Македонија, разбивајќи ги слабо опремените југословенски единици.


И покрај отпорот на пристигнатата Моравска и делови од Ибарската дивизија, 9-та германска оклопна дивизија, ефикасно потпомогната од воздух, ги завзема Куманови и Скопје, откаде упатува дел од силите кон Качаничка Клисура.

Со завземањето на Скопје, Германците и ја пресекуваат отстапницата на југословенската војска на југ и ја доведуваат во тешка ситуација. Командантот на 3-та група армии се обидува со Моравската дивизија, зајакната со делови од Ибарската дивизија и артилериски единици, да организира некакава одбрана од Косово кон Македонија и тоа на линијата Шар Планина-Качаник-Скопска Црна Гора, но во тоа не успева бидејќи неговите единици почнуваат да се распаѓаат.

За тоа време единиците на 73-та германска пешадиска дивизија ги завземаат Штип и Велес, а заробуваат и дел од Брегалничката дивизија. Делови пак од 2-ра германска оклопна дивизија ги разбиваат првите зајакнувања упатени од Шумадиската дивизија, го завземаат Радовиш и избиваат на Вардар кај Валандово, а главнината на дивизијата продира до 23,00 ч. до Дојран.

Остатоците пак од Шумадиската, Брегалничката дивизија и Струмичкиот одред, меѓу кои распаѓањето зема замав, се собираат на планината Серта во намера да се префрлат на десниот брег од Вардар и таму да организираат нови позиции. Делови пак од Моравската и Ибарската дивизија по неуспехот да се задржат Скопје и Куманово и новата линија на одбрана: Шар Планина - Качаник - Скопска Црна Гора, се повлекуваат кон Прешево каде задржуваат продор на една единица од 9-та германска оклопна дивизија.
На фронот кон Албанија 3-та југословенска армија преоѓа во офанзива со нешто повеќе успех на север каде избива од пл. Проклетие и р. Дрим, но Вардарската дивизија кај Дебар е со помал успех, нејзината колона која требало да настапи во правецот Струга и Ќафа Сан здржана е на појдовните позиции. Останатите единици на 3-та армија сеуште биле во собирање.