Убиството на Симеон Георгиев-Кочански
На 16 јули 1921 година бил убиен кочанскиот војвода Симеон Георгиев-Кочански, припадник на ВМРО и близок пријател на Тодор Александров.

При средбата помеѓу претседателот на владата на Кралството на СХС, Никола Пашиќ и бугарскиот министер за внатрешни работи, Александар Димитров518, во Белград на 30 мај 1921 година било договорено да се запрат навлегувањата на комитски чети во Вардарска Македонија. Најчувствителен бил регионот на Ќустендилско, каде ВМРО имала еден од најголемите гранични пунктови од каде нејзините чети навлегувале на територијата на Кралството. Поради таквите околности, бугарската влада го ангажирала Ангел Димитров, агент на државната безбедност, да им влезе во трага на локалните раководители на ВМРО со цел да се спречат активностите на комитските чети. На 29 јуни Димитров по добиената наредба од Министерството за внатрешни работи, со петмина свои луѓе во Ќустендил ја опколил куќата на војводата Симеон Георгиев, кој бил пунктов началник на ВМРО и го уапсил. Во полицискиот участок Симеон Георгиев бил подложен на тешки измачувања од агентите на бугарската државна безбедност, бил претепан до смрт, а неговото мртво тело било префрлено со автомобил и оставено во близина на селото Жилинци, Ќустендилско.519 Според докази од ВМРО, убиството било дело на безбедносните служби на бугарската влада на БЗНС, но можно е да е резултат и на внатрешни пресметки за превласт во ВМРО.

_________________________

518-Александар Димитров (с.Слокоштица, Ќустендилско, 1873 г.), Македонец по потекло, бугарски политичар, левичар по убедување, член на Бугарскиот земјоделски народен сојуз (БЗНС), во 1919 година станал министер за внатрешни работи и народно здравје во владата на Стамболиски, 1921 министер на војската во истата.

519-Георги Марков, цит.дело, 19.