Убиството на Ѓорче Петров
По завршувањето на Првата светска војна, македонските атентаторски и терористички дејствија се одвивале на поинаков начин.

Четничкиот метод на вооружено дејствување се заменувал со индивидуални терористички акции, кои се изведувале против поединци или објекти заради различни мотиви и цели. Атентаторското дејствување почнало најмногу да се практикува во директните пресметки помеѓу разните македонски организации, струи и фракции и во борбата што се водела за престиж во позициите на македонското национално ослободително движење.На таквиот начин на дејствување најдобро се приспособила организацијата ВМРО, која подготвила голем број атентати врз припадници од македонското револуционерно движење, без разлика на нивната идеолошко-политичка ориентација и со терористичките методи на дејствување отворила нова страница во историјата на македонското националноослободително движење, со што одиграла клучно место во периодот меѓу двете светски војни. Вооружените пресметки во тој правец ВМРО ги започнала во почетокот на 20-тите години на минатиот век, веднаш по нејзиното возобновување.На 28 јуни 1921 година бил убиен македонскиот револуционер и еден од идеолозите на ТМОРО, Горче Петров.512 Атентатот бил извршен од страна на извесниот Реџеп, Турчин по националност, инаку припадник на десно ориентираната ВМРО. Според една верзија, Тодор Александров,513 водачот на ВМРО, лично го повикал кај себе терористот Реџеп и му наложил да го убие Ѓорче Петров, на што атентаторот се согласил. Александров во времето на убиството не сакал да се наоѓа во Софија и за таа цел еден ден пред атентатот, тој отпатувал од градот. На денот на убиството Горче Петров по излегувањето од работа свратил во кафеаната на Иван Бандев, која се наоѓала на улицата "Егзарх Јосиф"во Софија. Таму тој пиел ракија со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО, којшто веројатно не знаел за наредбата на Тодор Александров. Реџеп влегол во кафеаната и останал да пие пиво. Откако Ѓорче Петров ја напуштил кафеаната околу 7 и 30 часот, тргнал дома, при што терористот го следел и пред портата на неговата куќа, на улицата Тробарска", го убил. По извршеното убиство полицијата не можела да го пронајде Реџеп, бидејќи атентаторот се криел во станот на водачот на ВМРО, Тодор Александров. Откако утредента излегле натписите во софиските весници за убиството на Ѓорче Петров, терористот почнал да покажува поголема нервоза и почнал да покажува желба да излезе од станот, по што Тодор Александров испратил еден четник да го доведе кај него. Неколку дена после тоа од страна на терористи на ВМРО бил однесен надвор од градот и бил сурово егзекутиран. Од учеството на атентатот се оградил и вториот член на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров.514 При претресот направен на 29 јуни, еден ден по убиството на Ѓорче Петров, во архивата на уапсениот војвода на ВМРО, Симеон Георгиев515, биле пронајдени писма на Тодор Александров,во кои во едно од нив му наредил на последниот да го испрати во Софија некој си Мите и тоа во слаткарницата "Охрид". Всушност тоа било конспиративното име на Реџеп, атентаторот на Ѓорче Петров.516 Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции среде бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број на македонски емигрантски организации, меѓу кој бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган "Македонија", каде со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за неговата ненадоместлива загуба. Националниот комитет ги надоместил и трошоците за погребот на Ѓорче Петров, додека братствата, од своја страна, издале голем број на некролози со кои ја повикувале македонската емиграција масовно да присуствува на погребот. Во траурната погребна поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија, а последна почит на македонскиот револуционер и деец дошле да му изразат и многубројни емигрантски делегации и од внатрешноста на Бугарија. На погребот биле присутни и голем број пријатели на Ѓорче Петров од редовите на бугарскиот општествено-политички и јавен живот. Пред неговиот гроб биле одржани голем број на емотивни говори во кои се величело делото на овој македонски револуционер и се осудувал чинот на неговото убиство. Карактеристичен момент претставувал говорот што пред неговиот гроб го одржал неговиот идеен противник Јордан Чкатров, кој исто така ја потенцирал големината на делото на покојниот Ѓорче Петров и ги проколнувал неговите физички убијци, а за да биде парадоксот уште поголем, зад него, во тие моменти на неговиот емотивен говор, стоел никој друг, туку лично самиот

Иван Михајлов, кој во тоа време заедно со Чкатров биле пунктови началници на ВМРО.517

Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање.

_______________________________

512-Ѓорче Петров (Варош, Прилеп, 6 март 1864),долгогодишен идеолог на МРО, еден од составувачите на Уставот и Правилникот на истата, учесник во Илинденското востание, учител во повеќе градови во Македонија, 1905 г.Задграничен претставник на ВМОРО, а во 1919 година еден од основачите на Привременото Претставништво на бившата обединета ВМРО.

513-Тодор Александров (Ново Село, Штипско, 4 март 1881), член на ЦК и водач на десносриентираната ВМРО, еден од основачите на 11-та македонска дивизија во Првата светска војна во состав на бугарската војска; по 1919 година како водач на ВМРО ја зацврстува во Пиринска Македонија; подготвува комитски чети кои влегувале и вооружено се судирале со српските полициски и воени формации во Вардарска Македонија под српска власт; дејствувал во опозиција на бугарската влада на А.Стамболиски; учесник во 9-то јунскиот преврат и задушување на Септемвриското востание; потписник на Мајскиот манифест.

514-Славе Ивановъ, Тодоръ Александровъ и македонското освободително движение, Виена, 1924, 23-27; Ангел Динев, Политичките убиства во Бугарија,..., 96/97; Дончо Даскалов, Политически убийства в новата история на България, София, 1999, 68.

515-Симеон Георгиев-Кочански (с.Пресека, Кочанско, 1867г.), учесник во македонското национално ослободително движење, кочански околиски војвода за време на турското ропство, учесник во Балканските и Првата светска војна, по војната влегол во возобновената ВМРО и бил близок соработник на Тодор Александров.

516-Георги Марков, Камбаните бият сами, насилие и политика в България 1919-1947, София, 1994,19.

517-Алексо Мартулков, Моето учество во револуционерните борби на Македонија, Скопје, 1954, 349/350.