Хитлер и планот за продор кон Македонија, 1941 год

По демонстрациите во кралска Југославија од 27 март 1941 год. против неговата коалиција, Хитлер истиот ден носи “Директива бр. 25“ која е испланиран напад на Југославија.


Интересно е што овој план има сличности како и оној од I светска војна особено во однос на Македонија. И тогаш целта и правецот на продор е истиот, од регионот на Софија кон Јужна Србија т.е точно над Македонија, со што се сечи Моравско-Вардарската долина но и Македонија се одсекува од целиот југословенски простор. Со ова, Хитлер постигнува и други стратегиски предности, како раздвојување на грчко-југословенските оружени сили и евентуалните нивни заеднички дејствија, потоа се воспоставува врска со италијанските сили во Албанија но и проширува базата за продолжување на германско-италијанската офанзива кон Грција.


Хитлер со своите генерали

Германските претпоставки се базирале на тоа дека Југословените имаат преширок граничен фронт, внатрешни национални и политички спротивставености, од што се заедно главниот отпор го очекувале во одбрана на Србија, Црна Гора и Македонија. Ако и очекувале некаква офанзивност од нив тоа го гледале во правецот на Албанија каде биле италијанските сили, а се со цел да дојдат до грчките и британските оружени сили.

Сепак очекувале и дека покрај сите проблеми југословенската војска жилаво ќе се бори, особено во планинските предели со тежишен отпор во Македонија (за Македонија заради надежта во спојот со грчко-британските оружени сили).

За операцијата против Југославија (”Потфат бр. 25“) и Грција (“Марита“), германската Врховна команда на копнената војска со наредба од 30.III.1941 год. ги одредува 12-та и 2-ра армија. Бидејќи 2-та армија е со главни операциски правци во западна, северна и централна Југославија, за нас како Македонија и Македонци, посебно е интересна 12-та армија.