Предавството и убиството на Горѓи Сугарев
Пред загинувањето на Дамјан Груев во истата 1906 година, најпрво се случи предавството и загинувањето на еден од опеаните борци во македонската историја - Ѓорѓи Сугарев374, учител, револуционер и војвода во Битолскиот округ.

Човекот кој безмилосно се одмаздуваше на предавниците и самиот падна како жртва на предавство.

 Жесток против секое предавство и против секој предавник на македонското дело, во мај 1903 г. Сугарев го ликвидирал својот близок роднина Ристе, од село Секирани за кој се сметало дека ја предал четата на Парашкев (Параскев) Цветков. Како резултат на тоа предавство, на 8 мај 1903 (ст. стил), во нерамна борба со османската војска во Могила, кај Битола, бил убиен војводата Цветков и поголемиот дел од неговите борци. Ова убиство одекнало силно во Битолско, зашто П. Цветков бил еден од поспособните раководители од Битолско. Особено погоден од убиството на П. Цветков и другарите се почуствувал Ѓорѓи Сугарев, заради што безмилосно му пресудил на својот роднина предавник - со смрт.

Според извештаите на австриските претставници од 1903/1904 г. Сугарев "прободил со нож двајца селани познати како предавници од битолското село Црнобуки. За храброста на Сугарев е карактеристично тоа, што во ноќта на убиството во селото се наоѓал турскиот чифлик-сајбија, повисок управен службеник од Битола, во придружба на една силна ескорта (одделение војници)"375.

 Во истиот период Сугарев морал уште еднаш да се справува со предавници. Овој пат тие се јавиле во едно од најорганизираните села во Битолскиот реон - Цапари. Предавниците, инаку членови на Организацијата, со намера да ја предадат четата на Сугарев за да биде уништена, а посебно и самиот него, и доставиле на османската војска каде истата ќе отседне. Меѓутоа, војската се судрила со четата на Анастас Лозанчев376, кој во тој момент се наоѓал на истиот терен377. Војската и башибозукот извршиле опколување на четата. Во неочекуваната и нерамна борба четата успеала да го пробие обрачот, при што изгубила девет борци, меѓу кои и заслужни дејци на Организацијата во с. Цапари. И овој пат Сугарев ги открил предавниците - Тасе Џарџев и Лазе Дуртанов. Со цел да ги ликвидира, тој со четата ненадејно влегол во селото. Притоа наредил да дојдат во анчето на Апостол Трајков неколку набележани членови на ТМОРО, всушност тоа биле предавниците, кои не знаеле ни кој, ни зошто ги вика. Но, во анчето дошле и некои неповикани членови. Откако Сугарев го започнал иследувањето, предавниците се обиделе да побегнат. Настанала мешаница, при што светлото било угаснато. Така, во општата мешаница биле ликвидирани сите, освен Џарџев кој избегал и Митре Трајков, кој се приклучил на четата. Австрискиот конзул од Битола Август Крал, вака го забележал овој настан: "Неколку свирепи одмазди од страна на комитетот оставија во селото силен впечаток. Ноќта на 26 минатиот месец, капетанот Сугарев со околу 20 луѓе го опколил селото Цапари, после во анот поканил 10 определени лица (всушност 11. б.н.) наредил редум да се убијат со пушка или бајонет. На тројцата им биле отсечени јазиците - и образите во знак на нивното неверство. Ужасот на останатите, по ова крваво дело, бил голем; сепак речиси сите признале дека казнетите ја заслужиле својата судбина, бидејќи биле предавници"378.

За загинувањето на Сугарев постојат неколку верзии во кои овој трагичен настан во македонската историја се поврзува со предавство. Дури и народната традиција која оставила неколку прекрасни песни за Сугарев, неговата смрт ја поврзува со предавство.

 Предавството на Сугарев било резултат од одредена идејна метаморфоза кај некои раководни лица во Битолско, настаната како резултат на големо-бугарската пропаганда по неуспешниот крај на Илинденското востание379, но и од одредена материјална корист. Додека Сугарев бил ангажиран во секојдневните револуционерни работи околу обновувањето на ТМОРО во Битолскиот округ, а особено во откривањето и водењето борба против експонентите на туѓите пропаганди, дотогаш Сарафов, кој подпаднал под бугарското влијание, успеал да поткупи некои раководители во Битолско. За жал, постојано движејќи се, Сугарев не можел поблиску да го насети пресвртот кај некои луѓе во Организацијата. Така тој навремено не го согледал и потпаѓањето на секретарот на ТМОРО во Битолскиот округ, учителот Петар Лигушев под влијание на Сарафов и врховизмот. Лигушев бил поткрепуван од Матов и Татарчев чија девиза била: се што е потребно за Организацијата да се добива од бугарската влада, а воедно и потчинување на истата. Преку ваквите и слични делувања врз битолските раководни лица, последните идејно се поделиле на "сарафисти" и "груевисти". Расцепот бил трагичен за единството и чистотата на Организацијата380.

Ѓорѓи Сугарев бил еден од поборниците за самостојноста на ТМОРО и за остварување на нејзината висока цел. Стоејќи цврсто во своето убедување за чистотата на македонското дело, Сугарев ја навлекол врз себе омразата на луѓето на Сарафов на чело со Лигушев кои безмилосно го ликвидирале секој оној што им застанувал на патот. Во тие рамки останале забележани неколкуте "случајни" убиства токму на револуционерите кои стоеле на цврста македонска определба какви што биле Никола Карев, Христо Узунов, а потоа убиството и на самиот Сугарев. Сугарев бил против секакво надворешно мешање во борбата и целите на Македонците. Така, на пример, претставникот на српската пропаганда во Македонија, Ѓерџиковиќ, во еден миг на невнимание се произнесол пред Сугарев дека Србија би била задоволна со сосема мал дел од Македонија. За ова случување, Никола Киров Мајски вели: "Секој од нас може да си престави како реагирал против слично присвојување доблесниот и умен битолчанец и каква бура од негодување и одвратност се бранувала во градите на апостолот и борецот, за кого Македонија беше неделива и им припаѓаше само на Македонците"381.

Но, Сугарев, низ својот борбен век, биел уште една битка која на свој начин претставувала срамно предавство на делото - злоупотребата на парите на Организацијата382. Таквиот чин бил на рамништето на најголемо предавство за самиот Сугарев, чија чесност била нагласувана од повеќето негови со-временици383. Таа битка непосредно ќе доведе до уште едно предавство кое завршило со смртта на Ѓорѓи Сугарев. Барањето отчет за примените и потрошени организациони пари предизвикало отпор кај некои од членовите на Организацијата во Битолско кои работеле со пари. Не сакајќи да поднесат точни податоци т.е. кој од кого, кога и колку пари прибрал и на кого му ги предал, луѓето кои запловиле во нечесни води, на состанокот што го закажал Сугарев во централното основно училиште во Битола, наместо да се покаат започнале со директни напади врз Сугарев кој не можел да ја прости нечесноста. Во бурните расправии бил ликвидиран еден од најупорните опоненти на Сугарев384.

Оттогаш започнала уште пожестока борба против Сугарев и чесните дејци на ВМОРО. Со Отвореното истапување на Сугарев против проневерителите на организациони пари, како и со се поотворените и почести критики на луѓето од Окружниот комитет во Битола, Сугарев веќе станал мошне опасен и незгоден за Лигушев и неговите следбеници. "Кон Сугарев, Ѓорѓи поп Христов, Ѓаконот Евстатиј и други организациони дејци, Лигушев чувствуваше голема омраза и тој се реши, преку предавство да се ослободи од беспоштедната нивна критика и Сугарев беше една од неговите први жртви"385.

За остварување на таа цел, Лигушев им подготвил стапица како на Сугарев, така и на ресенскиот војвода Ѓаконот Евстатиј и на прилепскиот војвода Крсте Гермов - Шакир. Обраќајќи им се написмено, во пролетта 1906 година, Лигушев побарал од овие македонски војводи да заминат во Мариово за наводно да се борат против таму појавените грчки пропагандни чети. И покрај лошото време, дисциплинираниот Сугарев заминал за Мариово. Истото го сторил и Шакир војвода кој ги одбрал најдобрите борци и на 23 март 1906 година заминал за Мариово, со здружени сили да се борат против пропагандните чети.

Во меѓувреме, на пат кон Мариово, на 22 март Сугарев испратил писмо до Гаконот Евстатиј во кое барал да се сретнат. За жал писмото паднало во рацете на Лигушев кој му одговорил на Сугарев дека во Битола има големо раздвижување така што Ѓаконот не може да дојде на закажаната средба. Ѓаконот Евстатиј разбрал за писмото на Сугарев дури другиот ден и со сомнение кон Лигушев, сепак тргнал кон закажаната средба со Сугарев во селото Горно Агиларци. Но, веќе бил во задоцнување, зашто Сугарев по чекањето кај Нечо Кобиловски од Агиларци тргнал кон Паралово386. Кобиловски поврзан со заговорниците од Битола веднаш заминал таму за да ја соопшти маршрутата на Сугарев за Паралово. Известени за точното движење на Сугарев, Лигушевци веднаш го известиле битолскиот валија кој презел натамошни мерки за ликвидирањето на Сугарев и неговата чета387.

Додека на Шакир војвода му било наредено да чека наредба, Ѓаконот Евстатиј бил парализиран од силните потери и одвај успеал да се засолни во селото Карамани. Иако раководството во Битола добило соопштение од Прилеп за силните потери, фактот дека четата на Сугарев се судрила со потерите била доказ дека во случајот имало предавство и тоа од луѓе кои знаеле за движењето на Сугарев. Истите иако требало да го известат Сугарев да не влегува во Мариово, "тие не го спречиле и воопшто не го известиле за движењето на четите"388

 Четата на Сугарев во близината на селото Паралово била од едната страна нападната од војската, а од другата од Албанците од Ореово кои како башибозук дошле со војската. По неколку часови борбата завршила со целосно уништување на четата на Сугарев. Заедно со војводата загинале 22 борци389. Фактот што четата наишла на добро распоредена војска која чекала на неа јасно зборува дека режијата била направена претходно и дека четата воопшто не влегла во Паралово за од таму да биде предадена390.

Во тагата за загубениот војвода кај Паралово, народниот пеач ги жигосал во песната Параловци како предавници на Сугарев. Но, сите податоци кажуваат дека предавството било добро обмислено со цел да нема промашување и да биде уништен Сугарев со четата. Убиството на Ѓорѓи Сугарев го смислиле неговите однародени соборци во Битола, а османската војска била само атентаторот. Крсте Гермов - Шакир запишал: "Кога беше предаден Ѓорѓи Сугарев и кога тој се уби, во целото Битолско се зборуваше за тоа предавство. Луѓето на Организацијата почнаа да поднаѕираат од каде иде предавството, како и на Пепо Лисолајчето така и на Ѓорѓи Сугарев. Тогај тие предателства произлегуваа од тоа што во раководството на Битолекиот окружен комитет се беа угнездиле агенти на големобугарската пропаганда"391.

_____________________________________

374-Ѓорѓи Сугарев (Битола, 1879 - с. Паралово, Мариовско, 23.3.1906, ст. стил), познатиот македонски револуционер, се школувал во Битола и Солун. Учителствувал во битолските села Радобор, Стрежево, Дедебелци и во кичевското село Ехловец, а потоа и во Битола. Револуцинерен стаж и искуство стекнал од Никола Петров Русински, во почетокот на 1901 година, во Демирхисарско-крушевско-кичевскиот регион. Од 1901 година бил член, а потоа и секретар и војвода на Битолскиот окружен комитет. Учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес на ТМОРО (мај 1903) каде што бил избран за горски началник на пелистерскиот реон. Учествувал активно во Илинденското востание и на Прилепскиот подвижен конгрес (јуни 1904). Тој зема учество и во походот против големосрпските кралски чети во "Поречието и Азот", кои што дошле по силата на еден договор за сфери на влијание помеѓу Софија и Белград. Убиен од властите во 1906. Според постари податоци, Сугарев загинал на 5 април 1905 година, убиен од турска потера, а предаден од врховистите. (Македонски возрожденци и револуционери, Скопје 1950,45).

375-Август Крал, австриски конзул во Битола, Извештаи од 1903-1904 година на австриските претставници во Македонија, превод, редакција и коментар Данчо Зографски, Скопје 1955,49.

376-Анастас Лозанчев (Битола, 1870 - Софија, 1945), деец на ВМРО. Бил член на Окружниот комитет во Битолскиот револуционерен реон пред Илинденското востание. Присуствувал на Солунскиот (јануарски) конгрес од 1903. Како делегат на Битолскиот округ се залагал за кревање востание во претстојната пролет. На Смилевскиот конгрес, исто така, се залагал за востание во Македонија. На овој конгрес Лозанчев бил избран за член на главниот штаб. Подоцна емигрирал во Бугарија.

377-Во своите "Спомени" Лозанчев за предавник го означил Мице Велјов, меѓутоа според други искази вистинските предавници биле Тасе Џарџев и Лазе Дуртанов, кои за пари го извршиле споменатото предавство.

378-Ѓорѓи Димовски - Цолев, Ѓорѓи Сугарев, Битола 1988,56-57.

379-Александар Ефтимов соопштува со кои средства се служела големобугарската пропаганда во привлекувањето на македонските борци. Тој вели: "Министерот Петков не повика мене и Ѓорѓи поп Христов. Ни предлагаше пари и оружје и агитираше да дејствуваме по нивни наредби, како што правеше Борис Сарафов. Јас и Ѓ. поп Христов решително ги отфрливме неговите предлози и му изјавивме дека ние се бориме како внатрешни дејци и за Македонија. И Ѓ. поп Христов беше согласен со мене. Тој беше идеален човек во почетокот. Но подоцна и тој се провали..." (Ангел Динев, Илинденска епопеја, том II, Скопје 1949, 90).

380-Ѓ. Димовски - Цолев, Ѓорѓи Сугарев, 88.

381-Документарно одделение на ИНИ, Никола Киров Мајски, "Ѓурчин Наумов - Пљакот, крушевски војвода" ракопис, Скопје, 40.

382-Крстарејќи низ битолските села, од чесни луѓе, Сугарев дознал дека во Битола некои раководни лица на Организацијата прават трговија, поточно парите прибрани од населението за организациони цели ги користат за лични потреби. Така"Петруш Американчето беше задолжен да го купи чифликот во Гени Мале за бедните од Битола. Ја купи земјата, ама тапијата ја извади на свое име. Слично постапија и други тогашни раководители од Битола: Јанае Скајо купи неколку лебарници на Ат Пазар; Николе (Коле) Брашнаро - Кусото... отвори неколку продавници за брашно; Никола Кожуваро даваше пари под лихва на печалбарите...". (Кој го предаде Горѓи Сугаре, "Билтен на здружението на пензионерите на Битола", год. I, бр. 1,1963).

383-Еве што запишал Сониксен: "Една од причините да одам во Битола беше и договорената средба со Ѓорѓи Сугарев, главниот ревизор во Вилаетот... Освен ревизор на битолскиот вилает Ѓорѓи Сугарев беше еден од најспособните меѓу големите водачи и прв организатор заедно со Д. Груев. Тој беше познат и со својата извонредна чесност" (Албертъ Сониксенъ, Исповъдта на едиъ македонски четникъ,, София 1927). На едно дуго место, за Сугарев било запишано: "Тој беше чесен, чист, точен, остер, дисциплиниран, строг до педантизам, понекогаш дури до жестокост. Неговата чета била за пример како дисциплинирана..." (Отъ минатото, в. "Свобода или смртъ,", София 1929,91).

384-По состанокот во основното училиште, тајно, Сугарев се сретнал со своето семејство. Според исказите на сестрата на Ѓорѓи Сугарев Ќивка Сугарева - Мијакова, на последната средба со своите најблиски, Ѓорѓи резигнирано зазборел: "Попуст ни беше трудот. Додека ние се бориме, мизеруваме и гинеме, некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатсва" (Ѓорѓи Димовски - Цолев, Ѓорѓи Сугарев - живот и дело, 79).

385-Стефанъ Аврамовъ., Сражението въ село Паралово - Мориховско, Ил. Илинденъ, София 1928, кн. I (11), 15.

386-Подетално за предавството види кај: Ѓ. Цолев, цит. труд, 90-94.

387-Натиснало силно раздвижување на повеќе османски формации од Битола, Прилеп, Лерин, Воден. Заседнат во с. Крушевица Шакир војвода за тоа пишува: "Кога бев таму, дојде од Прилепско специјален курир и ми соопшти оти од Прилеп кинисала силна потера за Мариово водена од офицерот - Албанец, Исмаил Ефенди. После тој курир дојде друг, кој ми донесе абер да се приберам на сигурно место и да чекам втора наредба" (Документарно одделение на ИНИ, Крсте Гермов - Шакир, Спомени, ракопис, 44-45).

388-Т. Адамовъ, Разбивањето на Ѓ. Сугаревата чета, Сборникъ "Илинденъ", 1924, бр. 26/27,27.

389-За бројот на борците на Сугаревата чета постојат различни податоци. Ангел Динев (Илинденска епопеја, том II, 128) наведува дека биле 28 борци, Крсте Гемов -Шакир во своите спомени запишал 25 борци, додека Цолев, во своето истражување (цит. труд, 96) утврдил 23 борци заедно со Сугарев.

390-Во весникот Македонско-одрински преглед од 10 април 1906 година се известува следново: "На 23 март, во битолското село Паралово, го најдоа својот гроб 22 млади четници, што ја претставуваа дел од битолската и прилепската чета на чело со младиот и скап долгогодишен работник -војводата Сугарев. Таа соединета чета се упатила за селата во Селечката Планина по организациона работа. Нејзиниот маршрут предаден предвремено кај манастирот над с. Паралово, без да насетува било каква опасност, влегла во заседа на отпорано дојден аскер од неколку стотини мина, расположени во концентричен круг. Почнала жестока борба, која траела неколку часа. Четата изложена на оган од сите страни, била предодредена на погибија...". Во истиот весник е наведено дека четата на Сугарев се судрила со 160 души војска "...на мачно достапниот врв при Параловиот манастир" ("Македоноодрински преглед", София, год. I, бр. 23 од 10 април 1906 година).

391-Документарно одделение на ИНИ, Крсте Гермов - Шакир, Спомени, ракопис, 44-45.