Солунските атентати во 1903 година
Мала група младинци, решаваат да се борат за слободата на својата татковина со тоа што наместо колективниот народен отпор, предност им давале на индивидуалните акции и саможртви.

Знаејќи дека народот не може повеќе да остане во положбата во која се наоѓал, но и дека е неподготвен во моментот за едно сеопшто востание, овие смели луѓе, повеќето по потекло од Велес, одлучиле да ја разнишаат европската јавност во нејзината рамнодушност за сето она што се случувало во Македонија. Така, гемиџиите стапуваат во врска со терористичкиот кружок на Петар Манџуков310 и Славе Мерџанов со кои решиле да преземат терористички акции, пред се против објектите на европскиот капитал во Османската империја, сметајќи дека со него вештачки се одржувала оваа нестабилна држава311.

Корените и идејното оформување на гемиџиите се во директна врска со тајниот кружок во Пловдивската гимназија од 1896 година. Кружокот имал за цел ослободување на Македонија преку внатрешна револуција. Организатори и раководители на Кружокот биле Михаил Герџиков и Петар Манџуков. Кружокот бил под влијание на руското народништво и нихилизмот. Во 1897 година повеќе од членовите на Кружокот се нашле на студии во Женева. Таму вопоставиле контакт со руските револуционери. Под нивно влијание идејно се оформиле како анархисти. Притоа започнале да го издаваат весникот "Отм'штение". Оформувајќи се како Македонски таен револуционерен комитет (МТРК) тие во својата програма барале "целосно одделување на Македонија и Одринскиот вилает од султановата држава" и "полна независност и најширока слобода за македонскиот народ да си создаде управа каква што тој сака"312.

Гемиџиите сметале дека тие, како индивидуалисти, како револуционери коишто се готови да се саможртвуваат без притоа да имаат потреба од ангажирање на широките народни маси, ќе можат секој момент да ги реализираат своите планови, само ако имаат доволно парични средства. Затоа, откако успеале да добијат ветување за парична помош од страна на Борис Сарафов (тогаш на чело на Комитетот на Македонските братства во Бугарија)313, Манџуков, Мерџанов и Петар Соколов заминале во Цариград со цел да го убијат султанот Абдул Хамид. Откако се увериле дека не постојат никакви шанси за успешно изведување на атентатот, тие пристапиле кон нов план што опфаќал уривање на отоманската банка во Цариград. Мерџанов го известува Јордан Поп Јорданов - Орцето314, идејниот водач на гемиџиите и овој презел мерки за организирање на слична акција во Солун. Во текот на месец март 1900 година за овие планови Орце го известува и Павел Шатев315. Веќе во јули 1900-та, гемиџиите започнале копање на тунелот под османската банка во Солун. Во исто време, копањето на цариградскиот тунел одело многу бавно. Набрзо дошло до откривање на каналот како резултат на предавство во почетокот на 1901 година во што удел имале врховистите, поточно во рамките на Солунската провала во редовите на ЦК ТМОРО. Помеѓу другите документи кои паднале во рацете на османските власти, се наоѓал и опширниот извештај за копањето на цариградскиот канал. Така, ова предавство однело уште две жртви. Загинале уште двајца бестрашни борци за слободата на Македонија: Славе Мерџанов и Петар Соколов. Во пролетта 1902 година гемиџиите успеале да обезбедат триста килограми динамит и го довршиле каналот до османската банка во Солун. Динамитот бил поставен под земја, требало само да се запали фитилот и зградата да летне во воздух. Сметајќи дека за состојбите на Балканот и за вештачкиот живот на Империјата е крива европската политика и капитал, гемиџиите решиле да запалат и потопат некој европски трговски брод. Така паднала одлука на 29 април 1903 година да биде потопен францускиот брод Гвадалкивир", а задачата му била доверена на Павел Шатев.

На определениот ден, со лажен пасош издаден на име Георги Манасов, со невидена ладнокрвност и решеност, Шатев се качил на бродот. Динамитот го поставил под машинското одделение, го запалил и потрчал кон другиот крај на бродот. По кратко време се слушнал силен тресок, настанала паника, но во целиот метеж не загинал ниту еден човек на бродот. Истиот ден Шатев заминал за Скопје.

Уништувањето на францускиот брод бил сигнал за започнување на дру-гите планирани акции. Истата вечер, Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов ја кренале во воздух композицијата на железничката линија Солун-Де-де-Агач. Коста Кирков ги уништил гасоводните и водоводните цевки. Од експлозијата цел Солун останал без вода и осветление. Во меѓувреме Орце го запалил фитилот на експлозивот во каналот под Отоманската банка и таа летнала во воздух. Цветко Трајков имал задача да го убие солунскиот валија Хасан, но бил забележан од телохранителите на валијата. Тогаш ја извадил бомбата, ја активирал и извршил самоубиство како и повеќемина од гемиџиите.

Преостанатите живи гемиџии: Ѓорѓи Богданов, Милан Арсов, Марко Бошнаков и Павел Шатев биле уапсени и предадени на специјален воен суд. Тие најпрво добиле смртна казна која потоа била заменета со доживотна робија. За време на заточението во Фезан починале Арсов и Бошнаков, а по прогласената амнестија, со победата на Младотурската револуција во 1908, преживеале Богданов и Шатев. Тие го исполниле заветот на нивните починати другари во суровиот затвор и по ослободувањето им ги пренеле посмртните останки во Македонија.

Солунските атентати делувале кон промена на текот на настаните. Во Солун, меѓу другото, избувнале немири што ги создале фанатизираните муслимани. Тие оделе во толпи низ градот и го убивале недолжното христијанско население. За бројот на жртвите постојат различни податоци. Според некои проценки тие се движеле помеѓу 200 и 300 души, па и повеќе, но како најблиска до вистината би ја прифатиле бројката 100 бидејќи конзулите во Солун известуваат дека не биле извршени масовни убиства316. Властите успеале донекаде да ги смират толпите, но започнале со своите потери затворајќи го буквално секој Македонец во Солун без разлика дали тој има или нема врска со атентатите. Тие речиси без причина почнале да малтретираат и да апсат единствено по сопствени произволни проценки. Во општата рација на османските власти биле затворени околу 2.000 лица и некои членови на ЦК на чело со неговиот претседател Иван Гарванов, а биле запленети и доста документи. Покрај членови на ЦК биле затворени и поголем број членови на ТМОРО, со  што таа претрпела силен удар. Во тие затворања се нашле и четворица атентатори: П. Шатев, М. Бошнаков, Г. Богданов и М. Арсов.

Османските власти, под изговор дека Солунските атентати биле почеток на слични акции и во други македонски градови, како и сигнал за востание, а користејќи го негодувањето што тие го предизвикале во Европа, решиле репресалиите да ги прошират и во другите делови, со цел да ја обезглават Револуционерната организација. Тоа не било тешко да се постигне, бидејќи во тие денови беснеел фанатизмот на непросветеното турско население. И не случајно по Солун, Битола бил градот што најмногу настрадал. Властите имале посебен интерес да го потресат овој град, кој се знаело дека е центарот на револуционерното движење за Западна Македонија. Цела недела по Солунските атентати, на 6 мај, без никаков повод, организирани муслимански фанатици, помогнати од чиновници и жандарми, се јавиле во чаршијата и почнале неконтролирано да ги напаѓаат луѓето. Чаршијата веднаш била затворена, а христијанското население во голема паника се скрило во своите домови. Повеќе од 3 часа траела оваа хајка против невиното битолско христијанско население. Енергичната интервенција на битолските конзули придонела валијата, со помошта на аскерот, да воведе ред во градот. Потоа биле уапсени дваесетина битолчани-егзархисти обвинети како предизвикувачи на нереди. Околу четириесет луѓе - христијани по вероисповед биле заклани или убиени на друг начин, а неколку десетици биле ранети317.

Во Прилеп, исто така, биле спроведувани репресалии при што биле затворени околу 50 лица "откако се дозна дека неколку жители од тој град, се вмешани во гореспоменатите атентати... Следствено на тоа, властите во Битола ги истераа сите прилепчани кои работеа во продавниците или кафеаните во овој град. Нивните имиња и адреси се запишани од страна на полицијата и тие ќе бидат под постојан надзор во Прилеп"318.

Значителен одглас атентатите имале и во Скопје и во Велес, родниот град на повеќето гемиџии, како и во Источна Македонија. Насекаде Османлиите започнале со масовна интернација на населението по затворите кои биле преполни. Хилми паша планирал дури и преселување на 300 семејства од Македонија во Анадолија, за да всади страв во македонското население, но, на крајот тоа сепак не било прифатено. Според извештајот на Хилми паша, во Битолскиот вилает имало 461 затвореник, во Солунскиот- 382 и во Косовскиот (Скопскиот) - 281 човек, или вкупно 1.124 души. Од нив до 16 јуни биле ослободени 406 души. Меѓутоа, според повеќе други извештаи имало поголем број затворени.

Одмаздата се ширела и низ македонските села, посебно во оние за коишто османските власти сметале дека се бази на ТМОРО. Во тие одмазднички акции настрадало костурското село Смрдеш каде на 8 мај 1903 г., без никаков повод, аскерот започнал жестока пресметка со населението. Пресметката завршила со артилериски оган и опожарување на селото. Акцијата на аскерот завршила со следниот биланс: 85 убиени или заклани и 50 ранети, а меѓу нив најголем број биле жени и деца. Каква трагедија и бесмисленост во тие акции кои само го зголемувале револтот на народот.

Следејќи го будно она што се случува во Македонија, без да преземат некаква поголема акција, европските дипломати сепак пожестоко реагирале на ваквите ѕверства. Благодарение на странските конзули во Битола и Скопје била спречена интернацијата на населението во Анадолија. Тие единствено можеле да помогнат во изнаоѓањето на правдата за многу македонски семејства.

Користејќи ги Солунските атентати како повод за масовни апсења низ Македонија, Хилми паша широко ги отворил затворите. Тој знаел дека речиси сите уапсени немале врска со атентаторите, но го знаел и тоа дека голем број од нив имале врска со ТМОРО, иако немал конкретни докази за да ги изведе пред суд. До завршувањето на судењето на атентаторите во Солун, тој можел лесно да го оправдува држењето во затвор на толку голем број луѓе без докажана вина. Судските власти на Османската држава, исто така знаеле дека гемиџиите биле сосем ограничена група заговорници и дека не ќе можат да ја докажат нивната врска со ТМОРО.

Европската дипломатија која ги осудила атентатите немала желба да ги осознае вистинските причини за хаосот кој се случувал во Османската империја. Таквата соетојба особено добро ја користеле Османлиите, но и секогаш спремната бугарска пропаганда. Гемиџиите биле означени како филијала на ТМОРО односно, што е уште пострашно, како производ на "бугарските терористички комитети". Ова било повеќе од катастрофално за ТМОРО која се нашла во ситуација да води борба, вооружена или пропагандна, на три фронта: 1) против мешањето на врховистите како експоненти на бугарската политика кои се нашле задоволни од заострувањето на ситуацијата; 2) против Османлиите кои само чекале ваква шанса за да имаат причина пред Европа да се пресметаат со револуционерните сили на македонски народ и преку репресалии да всадат во народот страв од секаква побуна; и 3) против зацврстувањето на ставот кај европската јавност дека ТМОРО е терористичка организација.

И покрај непријателското окружување од сите страни и разјадувана од врховистичкото зло одвнатре, ТМОРО продолжува со своето организирање

на планот на реализацијата на основната цел - ослободување на Македонија преку вооружено востание со сопствени сили. Но, за жал, наместо да се подготви во мир за востанието, ТМОРО ја започнува исцрпувачката војна со аскерот за, буквално речено, секое село и секоја куќа.

Османлиите соочени со својата вистинска немоќ да се одржат на Балканот, трупале војска довлечкана од Анадолија и Мала Азија, сместувајќи ја во импровизираните касарни во мизерни услови. Иако нејзиниот сооднос во овој период изнесувал на двајца до тројца жители по еден војник или полицаец, сепак таа доживува тотален неуспех во борбата со четите и целосниот хаос во Македонија. Благодарение на одличната четничка организираност за герилска војна, извонредно мобилните комити успеваат со чети од по неколку десетици луге да поразат цели османски единици кои броеле неколку стотици, па и илјади луѓе. Тешката османска артилерија ни случајно не можела да се довлечка до масивните карпи, високите врвови и непроодните шуми каде четниците царувале.

________________________________________

309-Крсте Битоски, Солунските атентати 1903, Скопје 2003; Ванчо Горѓиев, Слобода или...„ 472-490.

310-Манџуков Петар е роден во с. Мирковци, Скопско во 1879 година. Спаѓа во групата на акархисти и револуционери. Се школувал во повеќе градови, а во Казанлак и Лом заедно со свои истомисленици основал тајни револуционерни анархистички кружоци. Во 1898 година го продолжил школувањето во Швајцарија и Франција. Во Женева, заедно со Михаил Герчиков ги издавале весниците “Глас" и "Отм'штение". Бил меѓу најзначајните во МТРК. Во 1899 година бил во четата на Гоце Делчев. Активно учествувал во анархистичките акции во Цариград. Ги помагал гемиџиите, особено околу снабдувањето со експлозивен материјал за диверзиите на Отоманската банка во Солун и на пругата кај градот Кулели Бургас. Откако повторно се вратил во татковината, извесен период учителствувал во Скопје. Бил затворен во Куршумли ан во Скопје, а потоа протеран во Бугарија. Таму ги запишал своите мемоари и го завршил својот животен пат во 1966 година.

311-За начинот и средствата преку кои сакале да остварат слобода за македонскиот народ, П. Манџуков му пишува на Кирков (18.07.1898): "нашиот несреќен македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците... Далеку е позагрижувачко поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека наша должност во моментот е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде дури беспредметна. Чинам дека треба да сториме се, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода...Македонскиот народ... не може да се ослободи со едно востание... Ние сакаме да жртвуваме сопствени, а не народни животи... Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири... и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на 'човекољубивата' Европа... " (Две писма од членовите на Македонскиот таен револуционерен комитет, Разгледи, Х/7 Скопје 1968,849).

312-Ванчо Горѓиев, Апелот на македонскиот Таен револуционерен комитет од 1898 година, ГИНИ, ХХХVI/1-2, Скопје 1991,135.

313-К. Битоски, Солунските атентати 1903,..., 49.

314-Јоран Поп Јорданов - Орцето (Велес, 1881 - Солун, 1903) се сметал за прва личност меѓу гемиџиите. Основно образование завршил во Велес, а гимназија учел во Солун. Иако навидум изгледал како смирено и кротко момче, неговиот соборец Павел Шатев наведува дека бил немирен дух и дека "без да работи нешто, тој не можеше да стои на едно место повеќе од пет-десет минути. Беше длабоко скриен во себе си и не сакаше многу да општи". Заради својот бунтовен дух го напуштил, речиси пред крајот училиштето и се впуштил во "вителот на македонското ослободително движење". Како револуционер бил цврст и решителен, со лидерски особини, знаел да биде убедлив и да прибере истомисленици. Бил крајно слободољубив, не трпел авторитети и подготвен да се жртвува за слободата на својата татковина. Загинал во Солун, во 1903 година, во судир со османската војска. (Според: Павел Шатев, В Македония под робство, София 1968,421-424).

315-Павел Шатев (Кратово, 15.07.1882 - Битола, 30.01.1951) е една од најмаркантвните фигури на македонската историја, гемиџија, револуционер, публицист. Учесник во Солунските атентати, најпрво осуден на смрт, а потоа истпратен на робија во сахарскиот пустински предел Фезан (Либија). Помилуван во 1908 година од младотурците. Во 1912 година завршил правни науки во Брисел. Учествува во Првата светска војна, а потоа е политички активен во Бугарија. Неговите неверојатни способности и интелект дошле до израз како професионален разузнавач во служба на Советскиот сојуз од 1923 година. За време на Втората светска војна бил уапсен од бугарската полиција и интерниран во логор. По капитулацијата на Бугарија дошол во Македонија. Во својата ослободена татковина, Павел Шатев станува еден од водечките државни раководители до судирот на КП со Информбирото во 1948 година. Иако соработник во Советската разузнавачка служба подолга низа години, она што е основна нишка во таа дејност на Шатев е неговото инсистирање за комплексно разрешување на македонското национално прашање и реската разграниченост меѓу национално-патриотската потреба и класната-комунистичка идеологија внатре во него, како и националното и политичкото разграничување од сите македонски фактори. Имено, Павел Шатев е длабоко уверен дека македонското националноослободително движење мора да остане чисто национално и самостојно, да биде вон идеологијата на комунистичките партии и туѓите влијанија што, од друга страна, не ја исклучуваше соработката со балканските комунистички партии, особено со бугарската и југословенскта, бидејќи неговата основна преокупација е да создаде општо национално ослободително движење во сите три дела на Македонија". (Вера Весковиќ - Вангели, Павел Шатев и македонското национилно прашање, според записниците од сослушувањето во УДБ-а, "Павел Шатев, време-живот, дело (1981-1951)", Скопје 1996, 87). Властите во НРМ, во 1949 година го уапсиле како "непријател" на државата поради неговите дотогашни врски со разузнавачката служба на Советскиот сојуз. Бил интерниран во Битола каде што и починал.

316-Крсте Битоски, Дииломатски одгласи за Илинденското востание, Скопје 1983, с. 110.

317-По Солунските атентати, во немирите предизвикани од муслиманското население во Битола, Солун и во други места биле убиени околу 300 невини луѓе, а околу 350 се нашле во затвор.

 

318-ДАРМ, РКО РО 195/156, М-425, бр. 43, Џејмс Мак Грегор, вицеконзул во Битола, до сер Алфред Билиоти, генерален конзул во Солун, 5.05.1903.

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов