II светска војна и обновувањето на Охридската арх.

Познато е дека Македонија зеде активно учество во Втората светска војна, со цел да се ослободи од фашистичкиот окупатор и да се здобие со национална слобода, државност и црковно осамостојување.


Првиот официјален акт во врска со регулирањето на македонското црковно прашање бил донесен на 15 септември 1943 година од страна на тукушто формираното Верско поверенство при Главниот штаб на Македонската војска. Во оваа одлука, се сублимирани сите копнежи на македонскиот народ за овновување на Охридската архиепископија и таа претставува завршеток на неговата вековна борба за здобивање со своја независна и самостојна народна Православна црква. Веднаш по формирањето на Верското поверенство, на ослободената територија, во селото Издеглавје - Охридско, бил одржан Првиот свештенички собор, на кој биле донесени едногласни решенија од првостепено значење за натамошната иднина за црковното управување во Македонија.


Пред куќата во Издеглавје каде се одржал свештеничкиот Собир во 1943 година

Тогаш македонското свештенство одбило да ја признае јурисдикцијата на која и да е туѓинска црква, барајќи во слободна Македонија да се обнови Охридската архиепископија и црковниот живот на слободниот македонски народ да биде раководен од Македонска православна црква. Слични иницијативи биле покренати и од другите македонски свештеници во уште неослободените делови на Македонија, подготвувајќи го теренот во својата слободна татковина да се организира православна црква на македонскиот народ. Подоцна и во селото Горно Врановци, уште за време на војната, бил формиран Иницијативен одбор за поствоено организирање на Македонската православна црква. По завршувањето на војната, тој Иницијативен одбор го презел црковното раководење и ги спровел подготовките за одржување на Првиот македонски црковно-народен собор. Во сите градови во Македонија биле формирани духовни одбори, составени од тројца свештеници и тројца мирјани. На нив им биле дадени упатства околу подготовката на престојниот Прв македонски црковно-народен собор.

Извор: Повардарска Епархија