Планината Плачковица

До планината Плачковица се доаѓа од Радовиш, Штип и Виница. Маркацијата ПМ започнува од Радовиш, од мостот на Стара река и поминува низ населбата Технелк, од каде се оди по асфалтен пат, преку мали кратенки, се поминува во непосредна близина на селото Штурово.


За половина час се доаѓа до говедарската фарма Чешме мале. Преку кратенките што продолжуваат се излегува на асфалтен пат. Во непосредна близина на селото Козбунар повторно започнуваат кратенките меѓу некои вили, 15 минути пред Шумската куќа повторно се излегува на асфалтен пат. Од Шумската куќа до пл. дом „Џумаја“ се пристигнува по добар земјен пат во должина од 2 км. За овој дел од патеката се потребни 5 часа. Оние кои имаат сопствено возило можат да дојдат до домот кој е оддалечен од градот 22 км по асфалтен пат.

Од пл. дом патеката продолжува надолу спрема рекичката Еден дере која се поминува неколку пати, за да по 1 час пешачење патеката дојде до самото подножје на врвот Лисец, се поминува реката Ломија. Од тука патеката се качува нагоре по гребенот Влашка ридина, селото Влашки гроб, Голема ливада до врвот Лисец. Од планинарскиот дом до врвот Лисец потребни се 2 часа. Патеката е маркирана, а печатот се наоѓа во планинарскиот дом. Домот работи по потреба со претходно најавување во планинарското друштво „ Бел Камен“ - Радовиш.

Врвот Лисец може да се искачи и од пл. дом Вртешка (N 41.758089, E 22.416479). Почетно движењето е по козја патека во правец на вилите на Штипска Плачковица (1280 мнв), до нив се стига за околу 25 минути. Потоа се продолжува по асфалтнраниот пат околу 10 мин. (околу 800 метри должина) до раскрсница после која се продолжува по макадамски пат, тука се наоѓа и првата чешма. По 1.5 км односно 20 мин. движење по макадамот се доаѓа до месноста Џамија (1500 мнв) каде има раскрсница и се оди по патот што се дели десно. Дотука може да се дојде и со обичен автомобил а понатаму само со теренски. После 2-3 мин. (250 м) повторно се наидува на раскрсница, се продолжува по патот (од 3) кој води кон југоисток и врти многу брзо кон исток. Тука има доста извори и потоци, како и ливади погодни за кампување. По 20 мин. од последната раскрсница (околу 2 км) се наидува на маркирана патека која води кон врвот Лисец. Патеката прво води надолу кон кањонот Улумија. После 15 мин. (1,5 км) се наидува на реката Ломија (околу 1000 мнв). На местото каде се преминува реката има 8 метри висока карпа со многу пукнатини кадешто може да се преноќи по потреба. Тука веќе нема сигнал за моб. телефони. Од тука тесната козја патека оди по јака угорнина и движењето е отежнато заради густиот папрат и грмушки. По околу 20 мин. (1 км) се поминува покрај врвот Криво брдо (1282 мнв). Од овде патеката води по самото било до врвот. После 20 мин. (околу 1 км) се доаѓа до месноста Побиен камен (1407 мнв) од каде се гледа за прв пат и врвот Лисец. Тука нема вода за пиење, а има сигнал на моб. телефони. ДО врвот има уште околу 2 часа. По околу 40 мин. (2,5 км) патеката излегува на широк макадамски пат (1550 мнв). Понатаму до пред врвот нема вода за пиење. Од тука почнува искачувањето на самиот врв на кој заради многу стрмниот приод мора заобиколно да се искачи од северната страна. По 50 мин. (3 км)се пристигнува до трла и објекти (1640 мнв) кои се наоѓаат под самиот врв. Тука има и хелиодром. По натамошни 30 мин. се пристигнува на врвот Лисец. По потреба може да се преноќи во подземни простории и канали изградени од бившата ЈНА. Враќањето до домот Вртешка е по истиот пат, секоја друга варијанта е премногу ризична и многу напорна. Карактеристично за врвот Лисец е тоа што и во касните пролетни месеци Април и Мај можно е присуство на снег.