Валандовската афера од 1899 година
Заради недисциплина на одделни членови на Организацијата, во 1899 година избила уште една афера - Валандовската афера. Во текот на оваа афера ќе паднат жртви, а народот ќе биде изложен на терор од страна на властите.

Валандовската афера ја предизвикал Иванчо Орџанов Карасулијата (Карасулски) еден од старите ајдуци и одмаздници. Во годините што претходеле на аферата заедно со стариот ајдучки војвода Апостол Петков Терзиев ја обиколувал областа Бојмија и Пајак Планина. Даме Груев, во акцијата за формирањето на четничкиот институт на ТМОРО, во 1897 година ги поканил да се покорат на Организацијата и да ги почитуваат нејзините правила. Тие во Организацијата биле посветени од поп Стамат Тончев. Така била формирана првата чета во Ениџевардарско на чело со Апостол Петков. Од неа се издвоил И. Карасулијата, кој со својата чета почнал да ги обиколува Кожуф и Пајак Планина. Во периодот 1898/1900 година, И. Карасулијата пројавил динамична четничка активност во Гевгелиска околија, но на неколкупати, со своите постапки ја изложил Организацијата на ризик од провали. Така, на пример, при убиството Ристо Наумовиќ - Цицо, претставник на српската пропаганда, извршено од терористи од градот, а поттикнато од И. Карасулијата и од А. Петков, биле уапсени: Анго Франгограф, Иван Ангов, Гоце Чанов и Илија Докторов. Тие биле пренесени во Солунскиот затвор Једи Куле, каде останале до 25.08.1899 година, кога биле ослободени. Благодарение на нивната издржливост и цврст дух не дошло до предавства и разоткривања од поголеми размери184.

Во 1898 година, И. Карасулијата учествувал во грабнувањето на Туран-бег и во убиството на неговиот син во близина на струмичкото село Костурино185. Притоа, добил откуп од 1 200 лири, но само 200 или 400 лири внесол во Организацијата, а другите ги задржал. На ваквиот чин на Карасулијата се спротивставил Михаил Апостолов Попето, но тој не можел поостро да се справи со Карасулијата кој уживал популарност среде населението заради неговите херојски подвизи против одделни турски и албански насилници186.

Карасулијата, откако го зел откупот за Туран-бег престанал да ги почитува правилата на Организацијата и станал недисциплиниран и суетен. Осилени од финансискиот ефект на оваа уцена, Карасулијата и неговата чета се обиделе да организираат слична акција во Валандово. На 7/20 декември 1899 година, тие влегле во Валандово да задигнат еден богат гркоман. Притоа четата се судрила со жандармеријата во Валандово, а престрелката траела цела ноќ. Утрото четата се повлекла без загуби, но биле убиени двајца заптии. Истрагата на овој инцидент ја презел жандармерискиот началник од Солун Мехмед Паша, помогнат од една чета башибозук со Ќазим Бег на чело. Војската го опседнала Валандово и заедно со башибозукот извршиле голем терор врз населението. Над уапсените луѓе, исто така, биле применети најсурови мерки на измачување. Неподносливата физичка тортура не можеле да ја издржат Васил Тајтајкин и Герџиков. Тие признале дека четата била криена од браќата Пено и Иван Гегови од с. Балинци. Двајцата посочени покажеле неверојатна силина и власта не можела од нив ништо да дознае  .

По овој инцидент, сепак, станало јасно дека станува збор за поголема завера и дека од левата страна на Вардар се крие организирана чета. Затоа властите почнале да организираат силни потери низ регионот проследени со невиден притисок врз населението. Настрадале повеќе луѓе во селата Грчиште, Ѓавато, Богданци, во повеќе други села во Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско188. Аферата набрзо го опфатила речиси целиот Солунски вилает, а се проширила и во Кавадаречко. Таму биле погодени селата Бегниште и Ресава.

Во селото Прждево, Кавадаречко, османската потера извршила големи апсења. По извршеното предавство за кратко време било уапсено целото раководство на Револуционерниот комитет од селото: Атанас Кондов, Ристо Масларов, Ефрем Јанев и Арсо Самарџиев. Врз нив војската и полицијата примениле најсурови методи на измачување за да откријат кои се членовите на тајната Организација, за нивните врски со околиското раководство и да откријат каде се наоѓа скриеното оружје. Првите тројца стоички ги издржале сите измачувања189, но Арсо Самарџиев потклекнал пред жестоките мерки и ги открил сите тајни на Организацијата со што бил нанесен удар на подемот на ТМОРО во Тиквешијата190.

Притиснато од теророт на османските потери, населението од Солунскиот вилает почнало да испраќа жалби до странските дипломатски претставништва во Солун. Османските власти биле принудени, заради залажување на големите сили да направат извесни персонални промени. На тој начин привремено дошло до затишје. Но, веќе во април 1900 година, аферата повторно се разгорела со истата жестина. Поводот го дал Ќазим-ага, кој убил по еден селанец од селата Дабово и Тумба и 4 овчари од селото Бојмица191. Меѓу убиените се наоѓало и едно 12-годишно дете заради што вознемиреноста и револтот на населението достигнал врвна точка. Властите презеле иследувања, при што биле уапсени и мачени шестмина селани од с. Бојмица. На крајот, под организираниот притисок на населението, властите го прекинале иследувањето.Меѓутоа, штетата од тоа иследување веќе била направена. Во текот на иследувањето бил поткажан Турчинот Мејмедин, кој ја снабдувал Организацијата со пушки. Мејмедин признал дека оружјето му го доставувал на Иван Делипетров од с. Сехово. Уапсениот Петров признал дека купил само една пушка за себе. Но, по суровото мачење кажал дека му дал една пушка на Гоно Делиманов од с. Смоквица. По апсењето, Гоно признал дека им раздал 8 пушки на селаните кои биле веднаш уапсени и осудени поради недозволено држење на оружје. На пет години затвор како конспиратори биле осудени Иван Делипетров и Гоно Делиманов192.

Во текот на аферата биле тепани околу 150 луѓе, а околу 100 биле арестувани. Притоа, останал фактот дека и покрај жестокото мачење народот покажал извонредна цврстина и храброст, во најголем број случаи не потклекнувајќи на маките193.

__________________________________

184-Владо Картов, Гевгелија до Балканските војни, Скопје 1966,159.

185- В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт..., 289-290.

186-Види: Хр. Силяновъ, Освободителнитъ борби на Македония, София 1933; В. Картов, Гевгелија до Балканските војни, Скопје 1966; В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт..., 278-291.

187-Ангел Динев, Илинденската..., т.1.,...., 126.

188-Во Балинци биле тепани 5-мина селани, во Грчиште 20, во Ѓавато 12. Во Богданци биле тепани: Христо Николов, Ичко Тодоров, Караискак, Гано Пеев и други. Истовремено, во куќата на Хаџи Мито биле уапсени десетина души. Од Богданци побегнале повеќе луѓе, меѓу кои Дељо Колчов, Гоно Ванчев и Мицо Марков - кадијата. Покрај споменатите, во Богданци биле уапсени уште деветмина, меѓу кои и свештеникот Григор Јанев. Аферата се проширила во Смоквица. Така постепено ги зафатила селата во Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско. (Ангел Динев, Илинденската..., т. 1.,...., 126-127).

189-Како средства на измачување во истражната постапка било применувано горење на нозете со усвитено железо, ставање на варени јајца под мишките, тепање со стап до изнемоштеност итн.

190-П. Камчевски, Револуционерното движење во Тиквешијата до Балканските војни,..., 75-76.

191-В. Горѓиев, Слобода или смрт..., 293.

192-Ангел Динев, Илинденската..., т.1.,...., 127-128.

193-Храброто држење на народот во Валандово и трите соседни области кои биле жртва на прогоните на османските власти, нарасната смелост и чуство за чување на Организацијата кај македонскиот човек, станале инспирација за Христо Матов, тогашен член на ЦК ТМОРО, да ја создаде револуционерната елегија "Валандовска песна".

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов