Борбата на ТМОРО против предавниците
Виничката афера, недвосмислено и нанела сериозни удари на се уште недоволно изградената мрежа на Организацијата. По настаните во Виница и во соседните места, на османските власти им станало јасно дека постои раширена мрежа на Организацијата.

Но, истовремено останала зачудена и бугарската влада. Таа тогаш ги видела големите размери на внатрешната организациона мрежа, и соодветно на своите интереси во Македонија, си ја изменила политиката спрема од неа осудените довчерашни арамии од Виничката афера, кои од тактички причини кон Османската држава ги осудила на затвори. Виничката афера и бројната македонска емиграција во Бугарија биле добра база за пројавување на официјалната политика на тогашната влада на Стоилов, која "фрли стрвен поглед врз внатрешната организација за обсебување на нејзините комитети, нешто што не задоцни да се види по една-две години, -во лицето на врховизмот"172.

Османските власти почнале побудно да ги следат сите сомнителни движења низ цела Македонија, а доушниците добиле нова задача - да работат врз разоткривање на револуционерната мрежа заради уништување на истата. Во тие рамки настанале бројни провали кои имале тешки последици за македонското ослободително движење.

По правило, разоткривањата и провалите најчесто настанувале во оние револуционерни окрузи каде Организацијата била најраширена и со најдлабоки корени. Така, на пример, само во Костурско, во периодот од 1899 до 1903 година имало 14 провали по кои над 230 души биле изложени на тортура, а од нив најтешка била Иванчовата провала од 1901 година. Во Струмичко, во периодот од 1897 до 1901 година имало 5 провали во кои настрадале 740 души. Меѓу најтешките провали се вбројува Валандовската од 1899 година, која се проширила и во Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско. Особено тешки удари Организацијата претрпела во 1900 година во Битола, по провалата што настанала заради предавството на поп Ставре и со Солунската провала од 1901 година173.

Провалите биле проследени со терор, апсења и судења кои мошне штетно се одразиле на развојот и делувањето на ТМОРО. Иако низ целиот систем на тортури биле забележани исклучителни примери на херојство и непоколебливост со што јакнела вербата на луѓето во Организацијата и се анимирала европската јавност, сепак, гледано долгорочно покрај сите морални вредности на оние кои не се приклучиле на чинот на предавството, провалите направиле огромна штета во јакнењето на националноослободителното движење и во неговиот самостоен чекор.

Покрај борбата против мешањето на ВМК, особено жестока и упорна била борбата на ТМОРО против Бугарското тајно револуционерно братство. Ова Братство имало претензии да биде втора револуционерна организација во Македонија, но немало за цел да го засили национално-ослободителното движење на македонскиот народ174. Негов претседател бил Бугаринот Иван Гарванов, професор во егзархиската гимназија во Солун. Братството било под влијание на бугарската влада и Егзархијата. Иван Хаџи Николов, констатирајќи ги "великобугарските политички" сфаќања на Братството, ја изнесува и вистинската причина за неговото формирање, имено "организираното население да се потчинува на наредбите на Егзархијата и респективно на Врховниот македонски комитет во Софија"175. Во 1899 г. по саморастурањето на Братството неговите членови со посредништво на Борис Сарафов и ВМК влегле во Организацијата, иако Ѓорче Петров ја предочил кобната грешка што се правела. Подоцнежните настани му дале за право на Ѓорче Петров.

Впрочем, во тоа време, кога претседател на ВМК бил Борис Сарафов176 ТМОРО добила позначајна помош од страна на ВМК. Но, набрзо дошло до заладување и заострување на односите поради амбициите на Б. Сарафов да го преземе раководството на ТМОРО во свои раце177. Сарафовиот комитет и особено Сарафов лично, ако се исклучи материјалната помош дадена во првиот период, и нанеле голема штета на ТМОРО, и од морален и од политички карактер.

Во тој период се случувале повеќе обиди за убиства на припадниците на српската, бугарската или грчката пропаганда, помеѓу патријаршисти и егзархисти, а биле ликвидирани повеќе шпиони. Така, Михаил Попето178 го ликвидирал грчкиот шпион поп Дељо179. Многу поспектакуларно, според Ванчо Ѓорѓиев, Михаил Попето го извел ликвидирањето на грчкиот калуѓер поп Стефан во ноември 1899 година180. Непосредно пред исполнувањето на пресудата, поп Стефан трипати бил предупреден од курир на Организацијата. Најпосле околискиот комитет бил принуден да пристапи кон смртна казна. На 28.11 (ст. стил) 1899 година, Попето со својата чета влегол во Миравци. Притоа се сместил во куќата на егзархискиот свештеник поп Никола. Таму се собрале повеќе членови на ТМОРО, меѓу кои и селскиот учител Ат. Јанев. Пресудата требало да се изврши следната вечер, спроти празникот Св. Андреј Првозвани.

Утрото во селото пристигнал помошникот кајмакам, по народност Ерменец, кој заедно со придружбата, исто така се сместил во куќата на поп Никола. Тој имал задача да воспостави ред при служењето во црквата помеѓу егзархистите и патријаршистите. Гркоманите во селото ги зеле клучевите од црквата и на егзархистите не им дозволиле да одржат богослужба на задушница. Поп Никола, за да ја отстрани опасноста од тоа да бидат откриени Попето и другарите, ја извадил армониката, а на попадиката и наредил да донесе мезе и ракија, а потоа потајно да им соопшти на комитите, штом ќе слушнат музика да тргнат во остварување на задачата. Откако ракијата ги опуштила кајмакамот и придружбата, поп Никола засвирил на армониката. Додека надвор започнал да лие силен дожд, четата тргнала во акција. Куќата на поп Стефан била опколена, а М. Попето и А. Ќосето застанале на врата. Снаата на поп Стефан се обидела да го сокрие, но го нашле скупчен во една каца. Пресудата била веднаш извршена, а четата го напуштила селото181.

Набрзо по ликвидирањето на шпионот поп Стефан, на 5.12.1899 година поп Никола и азите биле одведени во Гевгелија, но по 10 дена ослободени, бидејќи од нив властите ништо не дознале. Така, ова политичко убиство не предизвикало никакви реперкусии за Организацијата зашто се случило под носот на заменик кајмакамот. Но и покрај тоа, Михаил Попето не бил задоволен со таквите убиства. Тој велел: "Наша најглавна задача е да ги кренеме на нога со народот, а не да ги убиваме"182.

Соочена со безизлезноста на народот, надворешните пропаганди и внатрешните разидувања, Организацијата била принудена да биде немилосрдна кон насилниците и предавниците. Така, во Тиквешијата организирала убиство на прочуениот разбојник Хусеин-пеливан кој извршувал различни злосторства заштитен од тиквешкиот кајмакам Шефки-беј. По егзекуцијата на Хусеин-пеливан власта уапсила седуммина граѓани. По шестмесечна истрага поради отсуство на докази, тие биле ослободени, освен Нацо касапот, кој бил осуден на една и пол година затвор. Истата 1899 година, по налог на Околискиот

комитет на ТМОРО била извршена уште една успешна акција во која бил убиен османскиот шпион Ило Џунов од Неготино. Оваа задача ја извршил Данаил Бадев од село Глишиќ на патот од Неготино за Кавадарци, кај месноста Ушите183.

_______________________

170-Во МИР (стр. 104) се наведува дека во затвор се нашле 528 лица,111 биле претепани, 5 убиени, 85 мачени, заради прогонот 300 лица биле принудени да пребегаат во Бугарија, а 13 жени и девојки биле силувани.

171-Изъ миналото на Македония,..., 4.

172-Изъ миналото на Македония, ..., 4; Христо Настевг, Винишката афера, "Илюстрация Илинденъ",кн. 7,1939,5.

173-Историја на македонскиот народ, том трети,..., Скопје 2003,240-241.

174-Бугарското тајно револуционерно братство во Османската држава било формирано во март 1897 година во Солун. Целта на Братството според донесениот устав, била да го подготви бугарскиот народ самостојно да се избори за слободен политички живот, да се пресмета со разните мачители на народот и да ја заштити бугарската народност од влијанието на туѓите пропаганди. Средства: употреба на жив и печатен збор, терор, убиства и револуција.

175-Историја на македонскиот народ, том трети,..., 195.

176-Борис Сарафов (с. Либјахово, Неврокопско, 1872 - Софија, 1907) претставува една од најконтроверзните личности во историјата на македонското ослободително движење, во кое се вклучил во 1895 година. Учествувал во т.н. Мелничко востание, на Смилевскиот кокгрес и во Илинденското востание. По востанието дејствувал во Битолскиот револуционерен округ. Учествувал во работата на Рилскиот конгрес на Организацијата. Како припадник на десното крило на ВМОРО, во 1907 година бил ликвидиран заедно со Иван Гарванов од страна на Серската група. (МИР, 414-415).

177-Претседателското место, чувството на сигурност што му го давала поткрепата на офицерските друштва, полната комитетска каса, биле доволна база за славољубивиот Сарафов да се претставува и надвор од границите на Бугарија како единствен водач на ослободителното движење во Македонија. За таа цел, тој во странство го покренал весникот “L'Effort", инаку уредуван од Симеон Радев, преку кој ја популаризирал својата улога. Така, политичката јавност во Европа стекнала впечаток дека Борис Сарафов бил главната личност на македонското револуционерно движење (Историја..., 249).

178-Михаил Апостолов Попето, на кусо во 1897 година бил во четата на Апостол Петков во Ениџе-вардарско. Во април 1898 година, М. Попето на покана од Гоцета Делчев застанал на чело на една чета од седум луѓе. При обидот да навлезе во Македонија, четата на Попето кај Ќустендил била пречекана и распрсната од една бугарска чета. Меѓутоа, по десетина дена таа повторно се собрала и успешно се префрлила во Серско, каде била пречекана од Иљо Крчовалијата. Попето бил "дисциплиниран воин", кој веднаш се зафатил со апостолска работа. Неговиот строг карактер бил пример за првите четници. Тој пред селаните проповедал совест, бунт, конспиративен дух и самоувереност во борбата. Четата на Попето прераснала во вистинска четничка школа. Од неа произлегле бројни војводи како: Христо Чернопеев, Михаил Герџиков, Никола Дечев, Петар Јуруков, Делчо Коцев, Пешо Самарџиев, Никола Жеков, Атанас Бабата, Андон Ќосето и многу други. Во 1899 година, со чета од 5 до 6 души Михаил Попето дошол во Гевгелиско. Идењето на М. Попето било поврзано со напорите на ЦК да го заузда самоволниот Иван Карасулски чија активност станала штетна по Организацијата. (Види: Н. Петровъ,, Другарски спомен за Михаилъ Апостоловъ, (Попето), Ил. Илинденг, г. V,ъ, 6 (46), София  1933; Хр. Силяановъ,Освободителнитъ борби на Македония,, София  1933)

179-Ангел Динев, Илинденската епопеја, т.1. (приредил Владимир Картов), Скопје 1978,124.

180-В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт..., 290-291.

181-Види: А. Динев, Илинденската..., т.1.,...., 124-126.

182-А. Динев, исто, 126.

183-Види: Петре Камчевски, Револуционерното движење во Тиквешијата до Балканските војни, Кавадарци 1995,67-72.

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов