Васил Главинов

Васил Главинов
(1869 - 1929)


Појавата на социјалистичкото учење во Велес, но и во Македонија ја претставува Васил Главинов. Роден е во Велес во 1869 година. Основно образование стекнал во училиштето на Јордан Хаџи Константинов-Џинот по што го изучувал столарско-дрводелскиот занает. Потоа заминал на печалба за Бугарија. Социјалистичките идеи ги стекнал во софиското работничко друштво “Братство”. Длабоко инволвиран во социјалистичката мисла, ова учење го ширел меѓу македонската емиграција во Бугарија и образувал македонска социјалистичка организација во која членувале Петар Русински, Никола Карев, Венко Марков и други Македонци. Прогонуван од бугарските социјалисти во 1894 година се вратил во Велес каде го основал “Читалиштето” кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија. Социјалистичката литература пласирана во “Читалиштето” овозможила многу млади луѓе да добијат социјалистичка ориентација. По овој пример се организирани слични друштва во другите градови на Македонија кои биле организатори на бројните работнички штрајкови.

Во 1895 година македонската социјалистичка група на Васил Главинов го издала првото гласило “Револуција” а во 1898 година и весникот “Политическа свобода”.

Односот кон револуционерното движење социјалистите го гледале тргнувајќи од становиште дека без национално ослободување нема ни економска слобода и затоа биле многу блиски до ориентацијата на ТМОРО. Во 1900 година се вклучиле во нејзините редови и активно учествувале во револуционерното движење.

На 3 јули 1900 година се одржала првата социјалистичка конференција во Македонија, а на Балканската социјал-демократска конференција во Белград, во јануари 1910 година активно учествувале Васил Главинов, Стојан Дивлев. Во Солун, кон крајот на истата година била основана Отоманска социјал-демократска партија.