Предавствата и провалите во ТМОРО по 1896 година
Наспроти врховистичките и андартските чекори инспирирани од надворешно-политички цели, организираното национално-ослободително движење на македонскиот народ земало подем.

По Солунскиот конгрес на ТМОРО од 1896 година, Македонија била поделена на 5 револуционерни окрузи: Солунски159, Битолски160, Скопски161, Струмички162 и Серски163. Надвор од Македонија, како шести округ бил Одринскиот. Мрежата на Организацијата брзо се ширела. Посебен успех бил забележан во селата. Во некои села приемот се вршел дури масовно во селските цркви и училишта. Истовремено започнало и вооружувањето на населението и негова морална и воена подготовка за востание. Веќе во 1897 се појавиле првите чети, а во 1898 година ЦК донел одлука да се формираат редовни околиски чети.

Подемот на организацијата по Солунскиот конгрес, довел и до нови жртви на нејзините дејци и приврзеници. Случајно, преку доушници, предавници или преку смислени провокации на инволвираните големобугарски и врховистички елементи, во натамошниот период османските власти дошле до различни податоци за постоењето и делувањето на македонската револуционерна организацијата. Така, на пример, барајќи ги убијците на двајца Турци колџии во август 1897 г. власта во Радовишко откриле складирано оружје и муниција. По тој повод биле уапсени и осудени на разни казни 120 луѓе. Бидејќи чинот бил оквалификуван како криминален, последиците биле ограничени само на две села - Дедино и Инево. 

Виничката афера

Поголем потрес Организацијата доживеала по избивањето на познатата Виничка афера, провала која ја опфатила речиси цела Источна Македонија. Според д-р Крсте Битоски Виничката провала била "прво откривање на Организацијата во Турција и пред Европа". Ноќта на 14/27 ноември 1897 г., една разбојничка чета од 26 арамии дојдена од Бугарија, на чело со стариот малешевски арамија Коте Голчев, со помош на свои јатаци, во Виница го убила богатиот Турчин Ќазим-ага и дигнала од неговата куќа околу 800 лири. Напаѓачите при повлекувањето го убиле и селскиот полјак во Виница кој бил припадник на Организацијата. Токму ова убиство предизвикало голема афера.

Возбудената жена на убиениот полјак, мислејќи дека мажот и е убиен од организационата чета и соопштила на османската жандармерија дека во нејзината куќа има оставено оружје од оние кои го убиле мажа и. Тоа дало повод жандармеријата да го претреси целото село и да се расплетат нишките на организационата мрежа.

Околу истиот настан (декември 1897 година), британските известувачи наведуваат дека Турците откриле "подготовки за востание" во Кочанскиот регион. За самиот настан во изворот стои следново: "Како последица од кавгата што избила меѓу револуционерите, се случило убиство на еден нивни член. Дознавајќи за овој настан, неговата жена, со цел да ја одмазди смртта на својот сопруг, ги известила турските власти дека убијците на нејзиниот сопруг биле револуционери. Еден од нив бил подложен на страшни маки со цел да признае. А другиот со цел да се спаси од слично злоставување, изјавил дека сака да ја прими исламската вера и затоа ги предал извештаите и сметководните книги (дефтерите) од револуционерното движење, што се наоѓале кај него. Заради тоа биле откриени целиот план и подготовките за востание во оваа област", Врз основа на овие податоци, генералниот гувернер од Скопје испратил војска "да го пребараат селото за кое се мислеше дека има скриено оружје, велејќи им на луѓето дека книгите се кај него и затоа е бескорисно да го кријат..."164.

Според други наводи, за ова откривање на Организацијата и проширување на провалата придонесол многу и отпадникот од редовите на Организацијата, кој станал и османски шпиун, Ѓорѓи Иванов (Јованов). Тој дури лично одел на чело на османската жандармерија и војска и ги откривал и ловел луѓето на Организацијата. Горѓи Иванов ги поткажал на османските власти и штипските учители Христо Поп Коцев и Тодор Лазаров, кој бил и член на Окружниот комитет на ТМОРО, а и други во Штипскиот округ, така што аферата го опфатила целиот Штипски округ, а делум и Скопскиот. На чело на казнената експедиција застанал познатиот османски полицаец Дервиш Ефенди. Тој го сместил својот штаб на тепачи и мачители во Штип, а одреди  војска и жандармерија крстосувале низ селата од целиот округ. Во Кочанско и Царевоселско власта објавила воена состојба165.

Со семожни инквизиторски начини луѓето биле принудувани да даваат искажувања какви што сакал Дервиш Ефенди. Се барало оружје и членови на Организацијата. Се барале раководители и организатори по селата и градовите. Се затворале учители, свештеници, земјоделци, занаетчии и работници во целиот Штински и Скопски округ. Вршејќи истрага околу ова убиство, властите пронашле складови со оружје и муниција. Но сериозен проблем бил во тоа што властите успеале да ја откријат конспиративната мрежа на Организацијата во Штипска, Кратовска, Паланечка, Радовишка, Кумановска и Малешевска каза166.

Пронајдените педесетина пушки, неколкуте сандаци муниција и дваесетте бомби за османските власти биле неспорни материјални докази дека во Македонија постои револуционерна организација167. Поради тоа се почнало со притворање на луѓе, од кои мнозинството биле членови на ТМОРО во: Виница, Штип, Кочани, Пехчево, Царево село, Радовиш, Кавадарци, Злетово, Лесново, Кратово, Крива Паланка и Куманово, со околните места. Жестокиот терор за нејзиното разоткривање го опфатил речиси целиот Скопски округ168. Биле уапсени околу 600 лица, над 200 биле мачени, од кои 5 биле убиени, околу 300 биле принудени да пребегнат барајќи спас во Бугарија169. Неколку десетици затвореници, во јануари 1898 година биле осудени поради материјална и политичка одговорност за убиството во Виница170. Од првата категорија биле обвинети како соучесници во ограбувањето и убиството на Ќазим ага, а другите од втората категорија биле осудени како политички престапници. Првите биле осудени на казни од 10 до 20 години без право на амнестија. Другите како политички престапници биле осудени од специјалниот суд (Февкала) на доживотен затвор, односно на 101 година затвор. Меѓу нив биле и револуционерите: "Мише Спиров Развигоров - учител од Штип, Јосиф Даскалов - учител од Кратово, Петар Поп Арсов - главен учител во Штип", Димитар Мирасчиев, игуменот на Лесновскиот манастир Козма и други. Сите биле заточени во Подрум Кале во тврдината Будерман-град Акија, Адански вилает, но во 1902 година со општа амнестија биле ослободени171.

____________________________________________________________________

159-Во Солунски револуционерен округ спаѓале: Солунска, Тиквешка, Гевгелиска, Воденска, До-јранска, Ениџевардарска, Кукушка и Лагадинска околија и Света Гора.

160-Битолски револуционерен округ се состоел од околиите: Битолска, Кичевска, Охридска, Костурска, Прилепска, Дебарска, Леринска и Кајларска.

161-Скопски револуционерен округ се состоел од околиите: Скопска, Кривопаланечка, Кратовска, Кочанска, Кумановска, Велешка и Штипска.

162-Струмички револуционерен округ со околиите: Струмичка, Петричка, Радовишка и Малешев-

ска.

163-Серски револуционерен округ со околиите: Серска, Горноџумајска, Неврокопска, Драмска, Прешовска, Демирхисарска, Разлошка, Мелничка и Кавалска.

164-Британските конзули во Македонија 1797-1915, Документи, ред. Драги Ѓорѓиев, док. бр. 116, Скопје 2002,255.

165-Види:Изъ миналото на Македония , "Македонски вести", бр. 10, г. I,1935,2-4.

166-Крсте Битоски, Солунските атентати 1903, Скопје 2003,21.

167-Според прибраните податоци на Џон Блант, генерален конзул во Солун, бројот на пушките бил следниов: во Виница - 50 пушки, во Лески - 35 пушки и 21 бомба како и фишеци, во Драгобрашта - 60 нушки, Кршла - 32 пушки, Оризари -12 пушки, Тркање -10 пушки, Зрновци - 40 пушки, Соколица во близина на Кратово - 20 пушки. Оние што се пронајдени во Виница се "Мартинки", а другите Гра" пушки. (Британските конзули во Македонији 1797-1915, Документи, док. бр. 116, ...,254.)

168-Теророт што османските власти го спровеле за време на Виничката афера бил жесток и незапаметен дотогаш. Пишувајќи за тоа како ја доживеале Виничката провала, еден од идните гемиџии раскажува: "Таа го изнесе на видело постоењето на револуционерната организација и ѕверствата на деспотската турска власт. Со масовни апсења и мачења турската власт предизвикала гнасење и негодување кај сите нас. Таа провала ни покажа дека има против што се бориме - тоа е турското господство" (Тодор Органџиев, За Солунското съзаклятие - 50 години от Илинденското вжпшние, София 1953,116).

169-Џон Блант, британскиот генерален конзул во Солун, според изкази на приватни лица известувал дека "уапсените во Виница биле мачени, а околу 25 лица, вклучувајќи го и свештеникот од Зрновци, починале. Иако се претпоставува дека бројките се преувеличани, едно е точно, свештеникот и тројцата други селани се мртви. Никакво мачење не било употребено во Кочани или Штип. Војниците, а не полицијата, ги извршиле злосторствата. Според тоа, валијата од Скопје, се раскажува од претставниците на рускиот конзул, телефонирал во Кочани и Штип со цел да ги забрани таквите мерки.... Секакви вести се шират наоколу во врска со мачењата извршени од војниците, но досега не бев во состојба да се снабдам со вистински информации во врска со овој настан..." (Докумети..., док. бр. 116,..., 254-255).

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов