Засилување на ајдутство и ликвидирање на доушници
Еден вид одглас на војните против Османската империја и нејзината зафатеност на фронтовите била засилена ајдучката дејност на поранешните и новоформирани чети во Македонија.

Во Источна Македонија со својата дејност се пројавиле ајдучките дружини на Тодор Паласкарја и Стојан Карастоилов87. Имено во почетокот на 1877 година Т. Паласкарја (од с. Белотинци, преселен во с. Страчишта), Стојан и Димитар (Митјо) Карастоилови од с. Старчишта, Неврокопско, формирале една дружина чиј војвода бил Т. Паласкарја. Облечени во арнаутски алишта и претставувајќи се како турска чета, тие откриле повеќе доушници и предавници, односно непријатели на народот кои безмилосно ги ликвидирале. Властите во почетокот не биле сигурни за што се работи и не превземале посериозни чекори за гонење на оваа "турска" чета. Меѓутоа и во овој случај се нашле предавници. Благодарение на своите потплатени доушници, властите ја разоткриле играта и почнале систематско прогонување.

Без оглед на прогонствата, дружината успешно дејствувала до есента

1877  година, а зимата ја поминала криејќи се кај Анастас Жостов (Џостов) (баџанак на Стојан) во Старчишта, кај Димитар Ќосето во Гајтаниново - Неврокопско, во с. Лакос Серско и во други села. Во меѓувреме кон првите тројца се придружил Коста Кукото од Лакос и др. Од почетокот на пролетта 1878 година дружината почнала пак успешно да дејствува. На 1 март го убила јурукот Махмуд кој со години го собирал данокот (вергија) по селата и вршел разни злоупотреби. На 25 април го ликвидирала телохранителот на неврокопскиот Тефик бег, шех Исмаил, од кого пропиштеле селаните на повеќе неврокопски села, од кои тој го собирал данокот, чие собирање го имал откупено Тефик88.

Дружината постепено раснела, а кон неа се придружил, во пролетта

1878  година и Анастас Жостов. Тој станал ајдутин поради тоа што уште од 1876 година бил прогонуван и тепан од Турците бидејќи се жалел кај османлиската влада против нивните злоупотреби. Подоцна заедно со Стојан Карастоилов станал еден од најзначајните борци во Македонското (Кресненско) востание. Додека над Стојан Карастоилов ќе биде извршено подло убиство од туѓа рака во текот на истото востание, дотогаш неговиот брат Димитар загинал претходно, по предавство од страна на тајни османски потерџии, во нерамна борба со османскиот башибозук и жандари.

Со убиството на Димитар Карастоилов, османските власти сметале дека дружината на Стојан Карастоилов била конечно разбиена. Но, наспроти таквото мислење дружината нараснувала и заедно со повеќе други ајдучки дружини, во есента 1878 година зела активно учество во Македонско востание. Поточно, во почетокот на септември 1878 година во рамките на подготовките што се вршеле за дигање востание во Македонија ајдучките дружини, особено оние што дејствувале на Пирин Планина и во соседните реони, биле повикани во Горна Џумаја да се организираат за престојните акции. Здружените чети на Стојан Карастоилов, Коста Кукото, Кочо Љутата и Стојко Цапаревецот се одзвале на поканата и околу 15 септември ја преминале границата 89.

_________________________

87-Е. Бужашки, При изворите..., Писмата на Т.А. Страхинов, Известие на Българското историческо друщво, книга XXVII, Софија 1970,375.

88-Исмаил наместо десетина грабел една половина од производите и вршел други злоупотреби. Убивајќи ги насилниците, дружината не ги убила нивните стражари бидејќи тие не биле виновни за злоделата на своите претпоставени. (Е. Бужашки, При изворите..., Писмата на Т.А. Страхинов,Известие на Българското историческо друщво, книга
XXVII
, Софија 1970,385-386).

89-Е.Бужашки,исто,385.

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов