Балада за непознатиот - К.С. Рацин

Балада за непознатиот - К.С. Рацин


Натаму - в поле битолско
чемрее врба проклета -
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.

Лежи од војна световна,
лежи - и веќе земјосал -
силна го тага изела
задека тука загинал.

Никој крај него немаше -
вишното небо врз него,
земјата скришна под него -
над гробот врба стушена.

А таде - в гори зелени
в шума гробишта лежеа
делии - одбор јунаци
за татковнина паднати.

В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силна свиваа -
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.

И од ним - самовилите
една по една идеа -
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак - на оро.

И кога сите минеа
покрај врбата стушена -
делии се запираа
незнаен брат си викаа:

„Ја стани, море, јабанец
на оро со самовили!
Зора се зори - петлите
скоро ќе в село пропеат!“

А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: -
„Минете, браќа, врвете,
не сум ви лика - прилика!

Кој умрел за татковина
и за човечки правдини -
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.

Вие му песна пеете,
вие го с песна жалите -
така се сите раѓате
и така си умирате!

А тука - зошто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна -
за кого лудо загинав?

Кажете, браќа, кажете,
кажете - па поминете -
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е - карасмрт!“

Делии глави веднеа,
немеа самовилите -
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!

Немеа - туку петлите
в селото веднаш писнаа -
самовилите в горите
с делии в раци лиснаа!

Пусто остана полето,
пусто зазори зората -
чемрее в поле врбата,
чемрее - тажи непознат.