Српска преписка за пропагандите во Македонија V

Ѓорѓе Влахов, родум од Кукуш – на Петар Карастојановиќ, генерален консул на Кралството Србија во Солун


До Неговото Високо Прависходителство на Господинот
Г-дин П. Карастојановиќ
Србски Генерален Консул.
Во Градот.

Ваше Високо Прависходителство,

Потпишаниот родум од [ Г.] Кукуш (Македонија) завршувајќи минатата година VII клас на Пловдиската Бугарска Гимназија, настојувам под влијанието [н]а некои и други собитија кои што сум ги чул за Македонија и освен тоа од Македонските народни песни, карактери и обич[а]и, сакам од се срце да отид[а] во Србија и таму да можам да пристапам во училиштето; за тоа го молам Вашето Високо Прависходителство, ако е возможно да ме испратите во Србија да се учам, за што Ве уверувам притоа, дека следно кога ќе завршам образованието таму, се надевам е да допринесам во полза на своето.
Како што се надевам, ќе ми ја исполните скромната молба / /
Останувам
Ваш Покорен Слуга : Г. Влахов
Во Град (Солун) 1888 г.
Март 21 и

(Извори – Оригинал – Архив Србије, МПс IV 27/1888; Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија, том IV книга III,1888-1889)

Од ова се наметнуваат неколку факти :

1. И Ѓорѓи Влахов е VII клас на бугарската гимназија и очигледно меѓу избрканите ( потврдува и брат му Димитар во своите мемоари), но за разлика од Панто Кондов, Влахов во писмото тој факт како да го затскрива и воопшто не го споменува.

2. Напротив тој кажува дека го завршил VII клас и дека сака да продолжи со учењето во Србија а под влијание на се што чул и знае за Македонија и нејзините посебности отсликани низ “Македонски народни песни, карактери и обичаи”.

3. Влахов наивно очекува Србија да му овозможи учење на македонски јазик а без да спомни српски интерес во се ова. И повеќе, го “уверува” конзулот дека кога ќе го завршел учењето ќе работел на “своето”, без да прецизира кое?! (претходно во реченицата јасно го нагласил како македонско, па истото се подразбира).

4. Никаде нема спомнато српски интерес (чувство) за да Влахов се здобие со правото Србите да му овозможат учење, освен во самиот крај кој ако не е чиста куртоазна флоскула може и инаку да се толкува од нив ( “Ваш покорен Слуга” ?!).

5. Наивно или не од Влахов, но ова јасно укажува дека Македонците имаат свест за етничка засебност која не им ја откриле или наметнале нити Новаковиќ ниту Карастојановиќ ниту друг Србин – напротив, тие им ја наметнуваат на Србите како факт пред кој овие се замислуваат. Се што следи од српска страна е невешта злоупотреба на истиот за свои цели. Како тоа се работи пак укажуваат следните писма од нивните преписки.