Македонецот со златни букви во еврејската историја
По величествениот говор во заштита на Евреите под Турција од страна на пратеникот Македонец Димитар Влахов, целиот тогашен печат како во Турција така и надвор нашироко објавуваат за одбраната на Евреите од страна на Влахов во парламентот.
За ова Влахов вели :
“На следниот ден целиот печат во Цариград и специјално весниците во кои работеа журналисти од еврејска националност објавија опширни извадоци од заседанието на камарата и долги цитати од мојот говор. Јас бев специјално поздравен од моите другари од Солунската социјалистичка федерација, а еврејскиот печат било во Цариград, било во други земји, (дури и еден еврејски весник во Петербург) им посвети видно внимание на дебатите во турскиот парламент а по специјално на предлогот на арапските депутати и на мојот говор. Некои од тие весници веројатно ционистички отидоа дотаму што напишаа дека “говорот на младиот солунски депутат Димитар Влахов, ќе биде одбележан со златни букви во историјата на еврејскиот народ”. Јас во случајов го исполнив само мојот долг како претставител на народите во Турција и специјaлно на моите избирачи во Солунскиот санџак.
Целиот печат од престолнината на Османлиите - Цариград уште наредната ден во целост ја објавува одбраната на Евреите во парламентот од страна на Македонецот пратеник
Извесно време потоа во Цариград беа дошле некои еврејски општественици, (од еврејската социјалистичка партија “Поалецион“), како професор Каплански, кој подоцна беше директор на техничкото више училиште во Tел Авив, учителката Рахел и другарите Бенгурион и Бен Цви кои останаа подолго време во Цариград, а подоцна јас имав можност да се сретнам со нив во Солун за каде беа заминале. Тие беа и претставители и на самата партија “Поалецион”. Овие еврејски претставители ми предложија да заминам за Палестина и детално да се осведочам за животот на Евреите во таа област.
Евреите ширум светот со благодарност кон нивниот заштитник - Македонец за говорот ќе пишуваат дека ќе влезе во историјата со златни букви
|
Меѓутоа, нивниот предлог не можеше да се реализира поради фактот што јас во тоа време бев, во својство на депутат и македонски општественик, мошне заангажиран со публистичка работа, (а и редовно соработував со народите во Турција) и не можев да им излезам во пресрет на големата желба на тие еврејски општественици.”
Од ова произлегуваат следниве факти :
1. Уште следниот ден по говорот на Влахов, целиот цариградски печат но и надвор кадешто имало вработени новинари Евреи, нашироко пишуваат за величествената победа на Влахов над дискриминаторскиот арапски предлог-закон.
2. Поревносните весници на Евреите во својот восхит од Македонецот -пратеник одат дотаму што пишуваат дека “ говорот на младиот солунски депутат Димитар Влахов, ќе биде одбележан со златни букви во историјата на еврејскиот народ”.
3. Ова и навистина е за со златни букви зашто ако Влахов не успеал да го спречи предлог-законот со кој се запира населување Евреи во Палестина, којзнае каква ќе беше историјата на Израел ако воопшто и го имаше! Заштитниот говор на Влахов овозможува непречен проток од Евреи, со што се формира територија од еднороден еврејски народ а со тоа и неговата идна држава Израел за првпат по илјадниците години прогон и талкања по светот.
4. Покрај Евреите-ционисти Влахов соработува и со Евреите-социјалисти, кои и го повикуваат во Палестина по еврејските колонии каде би се запознал подобро со еврејското прашање но Влахов е свесен дека со тоа би се вовлекол целосно кон еврејското национално прашање а при нерешено македонско. Затоа и им одговара дека тој е пред се македонски пратеник и општественик па е зафатен со таа своја борба (подготовка и на повеќе публицистички трудови).
5. Со ова но и со тоа дека во парламентот Влахов се бори и за други обесправени народи, тој се издига како вистински демократ, правдољубив и независен пратеник кој не дозволува да биде вовлечен во само едно нерешено национално прашање. Како и да е Димитар Влахов со својата интервенција најдиректно и најдоволно (повеќе и од пратениците Евреи кои со години седат во парламентот) допринесува за историјата на еврејскиот народ и неговата идна држава Израел.
( Извор – “Мемори на Димитар Влахов“ од 1952 год., НИП “Нова Македонија“ 1970 год. Скопје, стр. 131-132 )
|