Влахов готви одбрана за Евреите во турскиот парлам

Димитар Влахов по средбата со претставниците на ционистичката организација од централата во Цариград, се зафаќа да ја поддржи борбата на Евреите против дискриминаторскиот закон од Арабите во турскиот парламент од 1911 год. За ова вели :


“Бидејќи јас не бев запознат со положбата во Палестина и специјално со таа на еврејските имигранти таму и со рољата што ја играат тие во Палестина, за економскиот развиток на областа, јас им одговорив на претставителите ционисти дека пред се би сакал да се информирам врз таа положба и би ги помолил да ми дадат податоци и материјали кои би ми послужиле за евентуална моја интервенција во парламентот. Претходно јас ги уверив дека тргајќи од принципите што ги застапувам во турскиот парламент, со задоволство би зел збор и би ја заштитил секоја праведна кауза. Само што повторив, мене ми се нужни податоци, и тоа бројчани податоци од кои да се види кои се предностите од населувањето за народното стопанство во Турција, како и за месното арапско население тоа што би се одобрило слободно доселување на Евреи во Палестина.

Двајцата претставители ми ветија оти веќе следниот ден ќе ми ги дадат потребните податоци, материјали на француски јазик, и понатаму ми оставија да постапам така како што ми диктираат моите убедувања. А тоа беа – заштитата на интересите на широките народни маси во Турција, без разлика на националност, раса и вера, а и заштита на општествениот развиток на Турција.


Тел Авив од времето на првите бранови Евреи во тогашна Палестина

Следниот ден јас веќе ги добив ветените материјали и потребните податоци за 4-5 еврејски колонии формирани таму, меѓу кои, до колку се сеќавам, едната колонија се викаше “Петатиква“, другата “Тел Авив“, кои беа формирани пред 2-3 години и даваа веќе добри резултати. Јас го проучив целиот тој проблем и решив да оддржам говор, спротивставувајќи му се на предлогот на арапските крупни земјовладелци и мачејќи се да го срушам тој предлог, т.е да го убедам парламентот да не прими еден таков реакционерен предлог. “

(Извор – “Мемоари на Димитар Влахов “ од 1952 год., НИП “Нова Македонија “ 1970 год. Скопје, стр. 129 )