Манастирската црква Свети Никола Шишевски, скопско
Во клисурата на реката Треска, спроти манастирот Свети Андреја е сместена црквата Свети Никола од Шишевскиот манастир.

За времето на настанувањето и живописанието на црквата се уште не постојат некакви посигурни извори. Таа се споменува во XVII век, што зборува дека во времето на турскиот период се одвивал активен манастирски живот. По се изгледа дека овој објект целосно бил напуштен некаде воXVIII век. Подоцна повторно бил обновен животот во манастирот кој траел многу кус период.

Постои податок дека живописот бил изведен во 1630г, а пак, крстот на иконостасот во 1645г. Иконостасот од оваа црква бил преместен во соседната црква Св. Атанасиј.

Манастирската црква Свети Никола ја сочинуваат две градби. Првата претставува мала еднокорабна црква со тристрана апсида на исток. Втората градба била доѕидана веднаш до постарата црква, во форма на впишан крст со конзоли и купола. Обете градби значително се разликуваат по начинот на изградба, така што постариот дел е соѕидан од кршен камен, а поновиот од камени тула.

Видливи се три слоја на фрескоживопис. Најстариот е зачуван во фрагменти. Средниот потекнува од XIV век и се споредува со оној во манастирите во Зрзе, Конче и со Полошкиот манастир, како и со други манастири од тоа време. Последниот слој, што се среќава на ѕидовите од припратата, датира од првата половина на XVII век. Во него се претставени фигури на светци, како и сцени од животот на Исус Христос и на свети Никола.