Манастир Карпино
Во близина на кумановското село Орах, постои манастирска црква од XVI-XVII век посветена на Воведение Богородичино. Таа е изградена од обработен камен во форма на триконхос.

Во црквата се забележуваат два слоја на фрескоживопис. Постариот слој е живописан во времето на нејзината изградба. Од овој период препознатливи се ликовите на Богородица со Исус Христос, што се наоѓаат во јужната конха, и на Теодор Тирон и Теодор Стратилат, во северната конха. Поновиот слој на фрески датира од крајот на XIX век.

На дрвениот иконостас со скромен изглед се поставени мајсторски изработените икони, меѓу кои се осумте празнични икони од крајот на XVI и почетокот на XVII век. По своите уметнички вредности се изделуваат композициите на “Големите празници”.

Во имотот на црквата во Карпино влегуваат и други значајни предмети, како што се певниците направени во коска со инкрустрација.

Манастирските конаци за време на Втората светска војна значително настрадале.

Експертите од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Македонија му посветија внимание на овој манастирски комплекс и го сместија во низата културни споменици на оваа земја.