Манастирот Св. Богородица, с. Глумово
На левиот брег по долината на реката Треска, на надморска височина од околу 300 метри се наоѓа манастирот Матка со црквата посветена на света Богородица.

Од некогашниот голем манастирски комплекс, единствено црквата успеала во целост да се одржи низ столетијата.

Во XIV век, неа ја подигнал синот на властелинката Даница, која била ктиторка на црквата Свети Никола во с. Љуботен, властелинот Бојко.Тој истовремено се јавува и како основач на повеќе црковни објекти од Скопската околија. Низ вековите, црквата била разурнувана и повторно обновувана. Од натписот на влезната врата, што датира од крајот на XV век, се дознава дека нејзини возобновувачи биле Милица, потоа Никола заедно со својот татко и со митрополитот Атанасиј.

Манастирскиот комплекс денес, покрај црквата, го сочинуваат конакот со камбанаријата, владичката резиденција, домаќинската куќа и манастирската чешма со здрава и чиста изворска вода. Црквата има облик на стеснет впишан крст во чиј средишен дел се издига осумстраната купола со четирите прозорци и ниши, што се потпираат на пиластри. Источната страна на надворешната страна завршува со тристрана олтарна апсида.

Живописот во внатрешноста на црквата потекнува од крајот на XV век. Поделен е на пет зони во кои се претставени бројни фигури во цел раст и во медалјони, како и композиции со Христовите маки и Големите празници. Ктиторите на црквата, Милица и Никола се предадени во граѓанска облека. Живописот во оваа црква претставува послабо уметничко остварување и вистински контраст на оној во црквата од тоа подрачје, Свети Андреа.