Манастир Свети Андреа
Во прекрасниот амбиент на месноста Матка, опкружен со високите карпести предели, на левиот брег на акумулационото езеро Матка, на неколку стотина метри од манастирскиот комплекс Матка, се наоѓа манастирот Св. Андреа, што припаѓа на Скопската епархија.

Во сочуваниот натпис над западниот влез од внатрешната страна стои дека оваа манастирска црква во 1389 година ја подигнал Андреа, вториот син на кралот Волкашин. Во еден друг, прилично оштетен натпис, од истата црква, забележани се местата што ктиторот како имот ги подарил на овој манастир. Над нишата на јужната страна од олтарната апсида е назнначено името на монахот Калест Кирил, кој дал свој придонес во подигањето на црквата, заедно со останатите лица чии имиња се впишани на северната страна од апсидата, меѓу кои се митрополитот Јован зограф и монахот Григориј.

Натписите во овој споменик на културата се напишани со грчко и со словенско писмо.

Манастирската црква Свети Андреја е решена во форма на издолжен триконхос, во чиј средишен дел се издига сводна купола. Во средината на XVI век била доѕидана припрата.

Фрескоживописот по своите стилски и уметнички особености ја издвојува оваа мала црква од останатите споменици во Македонија од тоа време. Зографот кој работел во црквите во околината на Прилеп живописал сцени и фигури што отскокнуваат од традиционалната иконографска шема. Во три хоризонтални зони, со жив колорит, се претставени фрески со фигури на Светите воини, (св. Ѓорѓија, Димитрија, Теодор Тирон и Теодор Стратилат во цел раст, кои се одликуваат со изразена животна сила и световен израз) и сцени од животот на Христос.

Покрај црквата, овој манастирски комплекс го сочинуваат големиот конак чие точно време на изградба не е познато, и неколку помошни објекти што се користат како магацински простор, летната кујна со фурна и една голема тераса, лоцирана на самиот брег на езерото.