Илинденско востание - Нападот на Невеска

Невескиот бој претставува еден од најголемите успеси во текот на Илинденското востание во кој е постигнат висок степен на борбена ефикасност и со минимални загуби се постигнати големи војнички ефекти.


Оваа победа има посебно значење, бидејќи е извојувана кон крајот на август, односно во фазата на востанието кога турската противофанзива била во полн замав. Блескавите војнички резултати, за жал, не биле крунисани со соодветни политички ефекти, поради необично брзото групирање и концентрирано дејствување на петнаесетилјаден турски аскер. Тоа, всушност, била последната поголема офанзива и победа на востаничката војска. Во времето на востанието Невеска била гратче со 550 семејства и 5-6.000 жители, етнички чисто влашко население. Во административен поглед Невеска била нахиски центар на југозападниот дел на Леринската околија. Во неа бил сместен турски мудир. Во гратчето имало телефонско-телеграфска станица и редовен гарнизон од околу 70 војници. Со започнувањето на востанието бројот на војниците постепено се зголемувал, бидејќи сите протерани војници од околните села и помали гарнизони се прибирале во Невеска, така што до крајот на август тука се собрале околу 250 турски војници. Со оглед на тоа дека сите не можеле да се сместат во касарната, поголемиот дел од нив бил сместен под шатори, надвор од градот.

Ослободувањето на Невеска, како и Клисурскиот бој, е дело на здружените востанички сили на Костурскиот и на Леринскиот востанички реон. Идејата и планот за овој бој биле разработени уште во текот на борбите кај селото Псодери, во близината на Невеска. Врз основа на изработениот план вонредно прецизно и ефикасно била изведена операцијата за ослободување на Невеска под командата на прославениот и искусен војвода Васил Чакаларов, кому му содејствувале и војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски - Алај-бег и др. Според планот околу 600 востаници (според Иван Попов - 700 востаници) биле групирани на четирите правци кои воделе кон Невеска: на север од правецот на с. Бел Камен, на исток и на југоисток од с. Зеленич, на запад од с. Елово, на југоисток од правецот на с. Прекопана. Војводата Чакаларов раководел со дејствата од соседната височинка од каде имал добар преглед и услови успешно да интервенира за заштита на силите на напад на Невеска од евентуална интервенција на турската војска. Концентрацијата на силите и групирањето биле извршени на 24 август, преку денот и во текот на ноќта. До три часот наутро востаниците, односно четата на Иван Попов, успеала незабележано да се доближи на само 600 метри до шаторите на аскерот.

Нападот почнал со силен оган кој бил отворен точно во три часот. Оганот го започнал леринскиот одред, кој напаѓал од северната страна на Невеска, односно од правецот на с. Бел Камен. Четири одделенија, со кои командувал војводата Иван Попов и кои биле најблиску до Турците, со прецизна и интензивна стрелба им оневозможувале да се доберат до оружјето, а други три одделенија им се приближиле на војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, оставајќи го оружјето и опремата, турските војници во панично бегство го напуштиле логорот, упатувајќи се во источна насока кон селото Зеленич. Тогаш востаниците влегле по шаторите и го заплениле оставеното оружје и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна, влегле во градот.

Организиран отпор давале уште турските војници од касарната. Откако согледале дека натамошната одбрана е бесцелна и тие се повлекле од касарната и избегале. Востаниците влегле во касарната, во која заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, војнички шинели и друго, а потоа ја запалиле. Од поважните објекти во градот последен бил нападнат мудирлукот. Иако мудирот успеал навреме да избега, во борбата за конакот биле убиени тројца, а заробени седуммина заптии меѓу кои и баш-чаушот Сулејман. Со ова акција борбата за Невеска била завршена наполно успешно, а на мудирската кула било истакнато востаничкото знаме. Вечерта, по завршувањето на борбите, костурските востаници се повлекле од градот, додека леринските, предводени од Ѓорѓи Поп Христов, останале уште два дена, со цел да помогнат во воспоставувањето на Привремената народна управа во градот.

На 27 август два големи одреди на турската војска, со сила од околу 15.000 луѓе, во две колони се упатиле кон Невеска. Главната колона, со сила од околу 10.000 војници, настапувала со забрзан марш од југ, од правецот на Клисура и с. Загоричани, а помошната колона со сила од околу 5.000 војници, настапувала од север, од правецот на Лерин и с. Бел Камен. Реално оценувајќи ја новонастанатата ситуација, востаниците согледале дека давањето отпор е бесмислено и во согласност со стратегијата за водење на вооружената борба решиле без борба да се повлечат од Невеска. Извлекувањето било мошне добро испланирано и, како и самиот напад, вешто изведено. Но и покрај необично брзата и силна интервенција на османлиската војска, судирот со аскерот бил избегнат со што биле избегнати и непотребните жртви. Главнината на востаниците се повлекла на југ, кон Емборската Планина во Кајларско, упатувајќи се покрај Врапчишкото и Островското Езеро низ пределот Рудник, а помалиот дел од силите се упатил кон Корештата, во Костурско. Повлекувањето се одвивало со забрзан марш, пред се, со цел да се избегне судирот со големите единици, во што наполно се успеало, иако раздвижениот аскер, согласно со упатствата за задушување на востанието, ги запоседнал сите позначајни врвови и планински преслапи за да воспостави контрола врз целата територија. За таа цел организирал и спроведувал систематско сечење и палење на шумите за да се стесни просторот за маневар и засолнување на востаничките сили. Но, ни тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Главнината на востаниците, без поголеми загуби, се извлекла од обрачот.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев