Илинденско востание - Борбите во Леринско

Леринскиот востанички реон го зафаќа јужниот дел од Битолскиот востанички округ.


Анимација - Борбите во Леринско

Се граничи со Костурскиот реон на југ и на запад, со Долнопреспанскиот и со Пелистерскиот на север, а на исток со Воденско, влегувајќи во територијата на Вториот востанички округ "Кожуф". Низ оваа територија минува комуникацијата Солун - Битола, што го зголемува значењето на Леринскиот реон. Во почетокот на XX век во овој реон живееле околу 60.000 жители од кои 63% биле Македонци, 19% Турци, 7% Албанци, Власи и други. Одлуката за востание ја затекнала Организацијата во Лерин ослабена и неподготвена за дејство. Имено, во мај 1902 година турската војска ја разбила месната агитационо-организаторска чета при што загинал и прославениот војвода Марко Лерински. По тој настан турските власти спровеле акција за обезоружување, при што собрале 600 пушки и бројна муниција. Тие настани влијаеле застрашувачки кај населението. Турската власт ги заострила мерките, а по железничката пруга ја зголемила жандармеријата. Поради сето тоа Организацијата правела силни напори за да ја зацврсти револуционерната дејност.


Александар Турунџев

Формирана е нова агитационо-организациона чета, а на местото на загинатиот Марко Лерински е поставен Георги Папанчев. По донесувањето на солунското решение во март 1903 година во Леринско обиколка извршил Борис Сарафов. Во селата Сетина, Баница и Екши Су (Кисела Вода) биле одржани состаноци на кои се говорело за подготовката на востание, формирањето чети и за обуката и други воени прашања од тактички карактер. Особено внимание се посветило на воспоставување содејство со костурските востанички сили. Одредени се и објектите за напад, како што биле тунелот во с. Церово, железничката станица во с. Баница, мостовите кај Сакулево и Екши Су.

 


Диме Абдурманов

На Смилевскиот конгрес Леринскиот востанички реон го претставувале Георги Папанчев и Михаил Чеков од Екши Су. За членови на Леринското горско началство биле одредени Георги Папанчев, Лечо Церовски и Коста Груев. Потоа била извршена поделба на леринската територија на пет востанички центри во кои биле одредени и војводи. На 28 мај во с. Баница била одржана реонска конференција на која присуствувале Папанчев, Чеков и други војводи и околу 400 четници. И покрај преземените мерки турските власти добиле информации за собирот, па на 29 мај го опкружиле селото. При обидот да се пробијат низ обрачот загинале 17 четници меѓу кои и Папанчев. Организацијата претрпела повторно големи загуби. Потоа Главниот штаб на востанието за реонски началник во Леринско го испратил Ѓорѓи Поп Христов. Тој ги продолжил подготовките за востанието. Извршените казни врз предавниците во с. Баница придонеле Организацијата да се зацврсти, а подготовките да се засилат. Во почетокот на јули леринскиот востанички реон го посетиле Даме Груев и Борис Сарафов. За кусо време Леринскиот реон можел да смета на 800 души за борба, меѓутоа недостасувало оружје. Поради тоа преовладувала партизанската тактика, односно диверзантските дејства. Помали одреди воделе самостојни дејства. Диверзиите по железничката пруга имале две цели: 1. да се спречи брзото префрлување на воени сили на противникот во разни реони и 2. да се информира јавноста за востанието. Организацијата непосредно пред објавувањето на востанието писмено ја известила Управата на железниците во Солун да не превезува цивилни патници во возовите поради опасностите по нивниот живот.


Обединети лерински чети

По првите диверзантски акции железничкиот транспорт од Солун до Битола бил прекинат, а на барање на Управата турската влада да испрати 25.000 војници за обезбедување на железничката пруга, бил испратен еден баталјон за обезбедување на делот од с. Баница до Лерин. Тој баталјон пристигнал од Мала Азија. Покрај акциите на железницата се разурнувале и други објекти, телеграфски врски, па Битола била изолирана од Солун и од Истанбул. На тој начин властите немале точна информација за настаните во Битолскиот вилает. Тие очекувале по паѓањето на Крушево, да се изврши напад и на Лерин. Една од поголемите акции била изведена во с. Екши Су каде што околу 200 души предводени од Ѓорѓи Поп Христов извршиле напад на железничката станица. Во другите востанички центри во Леринскиот реон, исто така, се воделе борби и постапно се зголемувала бројната состојба на востаниците. Тоа претпоставувало и постапна промена на тактиката. Дошло до здружување на четите и до водење пошироки боеви. На 13 август во реонот меѓу селата Битоша, Буф и Раково неколку селски чети успешно се спротивставиле на 3.000 војници се до повлекувањето на селаните во горите. Во тоа време започнало и содејството меѓу леринските и костурските востанички сили што особено се покажало во нападот на Невеска.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев