Илинденско востание - Нападот на Клисура

Клисура непосредно пред Илинденското востание имала 3.400 жители. Неговата географска положба, од воено-оперативно гледиште, е многу значајна.


Тоа се наоѓа на истоимениот планински преслап, со надморска височина од 1.170 метри, на патниот правец кој од Костур минува на исток преку с. Маврово, на север меѓу Нередската Планина и планината Морики, односно Снежник на југ, така што од самото гратче на исток главниот пат Костур - Клисура се разгранува на три помали комуникации од кои североисточната е најважна, бидејќи претставува природно продолжение на главниот пат и кај Врбени (Екши Су - Кисела Вода) се соединува со комуникацијата Кајлари - Баница, а со тоа и со магистралниот правец Битола - Солун. Југоисточната комуникација води во Кајлари, а источната минува покрај Рудничкото Езеро и пак излегува на патот Кајлари - Баница. Накусо, преку Клисура минува најповолната комуникација што Костурско го поврзува со централниот дел на егејскиот дел на Македонија.


Марко Иванов и Никола Андреев

Костурското востаничко раководство донело одлука за напад и ослободување на Клисура од страна на четите што дејствувале во овој реон. На 4 август, војводата Никола Андреев, самоиницијативно, со околу 150 востаници ја нападнал Клисура. Во тој момент во гарнизонот во Клисура Турците имале стационирано околу 300 војници. Благовремено предупредени за нападот, тие вешто поставиле заседа и лесно го разбиле нападот на војводата Андреев. Оставајќи шест соборци зад себе, востаниците со крајни напори се извлекле од заседата. Овој напад аскерот го сфатил сосем сериозно како предупредување и во очекување на нов, значително посилен, извршил соодветни подготовки, при што посебно ги уредил позициите околу патиштата што од север и од југ воделе во Клисура. Истовремено било побарано и засилување од соседните гарнизони, Костур и Кајлари.

Мишо Николов

Поучено од претрпениот пораз, за вториот напад востаничкото раководство извршило детална анализа на ситуацијата и донело одлука Клисура повторно да биде нападната со сите расположливи сили, за на непријателот да не му се даде можност да ја организира својата одбрана пред да дојде засилување од соседните гарнизони. За оваа задача била извршена концентрација и прегрупирање на сите расположливи сили од Костурскиот реон. Востаничкото раководство изработило детален план за напад и ангажирало околу 600 востаници. За извршување на акцијата силите биле распоредени во следниот борбен распоред: сили за напад и сили за заштита.

Силите за напад биле групирани во две колони. Северната колона, составена од востаниците на Васил Чакаларов, Панде Кљашев, Манол Розов и населението (селската милиција) од селата Загоричани и Бобишта, требало да нападне на правецот с. Загоричани - с. Бобишта - Клисура, а дел од силите да се издвои за обезбедување од правецот на с. Лехово - Клисура. Јужната колона, предводена од војводата Иван Попов и составена од неговата чета и уште осум други чети, добила задача, по заземањето на позициите кон Клисура, да нападне од правецот на с. Куманичево кон Клисура.

Натамошните дејства сведочат за тоа дека борбениот распоред на востаничките сили, кои фактички биле поставени наспроти распоредот на турскиот аскер, не бил најцелисходен во дадената ситуација. Во текот на запоседнувањето на борбениот распоред востаничките разузнавачи откриле и благовремено го известиле востаничкото раководство дека од Костур во правец на Клисура се движи аскерска колона со неутврдена сила. Врз основа на овој податок веднаш била донесена одлука за интервенција. Селската чета од с. Вишени, на чело со Јото Рашејков и четата на војводата Наум Трпковски, поставиле заседа во близина на патот кај селото Вишени за да го спречат пробивањето на аскерската единица до Клисура. Во исто време, четата од с. Чистеово добила задача да го спречи евентуалното повлекување на аскерот од Клисура. Со тоа почетниот борбен распоред на силите на востанието благоворемено бил формиран. Борбата за Клисура не започнала со нападот врз градот, туку со жестоката борба што востаниците ја започнале кај селото Вишени. Аскерот упаднал во успешно поставената заседа. Со жесток оган и припомогнати од четата на војводата Иван Попов, селаните и востаниците успеале да го присилат аскерот на панично бегство. Со тоа се создале уште поповолни услови за извршување на главната задача - ослободувањето на Клисура.

На 4 август 1903 година во раните утрински часови започнал 12 часовниот бој меѓу 2.000 турски војници и 700 востаници. Тој се водел со исклучителна упорност од двете страни. Турците користеле артилерија и коњаница. На големата огнена моќ востаниците одговарале со упорност, прецизна стрелба и фрлање бомби. Со прецизна стрелба и со успешни маневри востаниците ја отфрлиле турската војска и ја принудиле да се повлече кон Лерин. Со тоа борбите за Клисура биле завршени, а гратчето е ослободено на 5 август. Во оваа борба аскерот имал релативно мал број жртви, (26) додека кај востаниците не паднало ниту едно лице, што со оглед на обемот на дејствата претставува голем успех. Свеченото влегување во градот било извршено по сите војнички правила: востаниците и нивните началници, во строј и со песни, дефилирале пред членовите на Костурскиот горски штаб.

Потоа тие се построиле во градот и ги ислушале револуционерните говори на своите началници. Свеченоста прераснала во митинг со масовно учество и на месното граѓанство. По ослободувањето, во Клисура се организирал слободен живот, кој траел до 28 август, односно цели 23 дена, кога востаниците се повлекле без борба, а во градот повторно се вратил аскерот. На 13 август започнало турското настапување кон Костурско. Со бродови преку езерото од Костур во селото Маврово се истовариле 6.000 турски војници во тилот на востаниците. Обидот на Марко Иванов да го спречи настапувањето на аскерот завршил со неуспех. Следел судир меѓу турската војска и четата на Иван Попов која по жестокиот судир била принудена да се повлече кон востаничката база на Вичо Планина. Турците упорно ги следеле востаниците се до базата каде што со стрелба ги дочекала четата на Чакаларов. По повеќечасовната борба Чакаларов и Попов одлучиле да ги повлечат востаниците, но при отстапувањето оставиле приготвена храна во која ставиле отров. Турските војници револтирани што востаниците избегале, се нафрлиле на храната. Отруени биле околу 250 души. Таа голема загуба уште повеќе ги револтирала Турците и ја зголемила нивната жестокост.

Седум дена подоцна, односно на 21 август турската војска со 15.000 души започнала операција за прочистување на реонот. Од три страни, од кај Костур, Сорович и од кај Лерин тие започнале едновремено настапување. Во таа акција во Костурско биле опожарени 23 македонски села, а 600 селани биле убиени. Востаничкото раководство одлучило со маневарски акции да го принуди противникот да ја прекине таа истребувачка акција. Востаниците се поделиле на два големи одреда. Околу 620 души на чело со Поп Трајков, Попов, Николов и Розов заминале за Леринско. Вториот одред со околу 450 души предводен од Чакаларов и од Кљашев тргнал на југ. Еден мал дел на чело со Димитар Панџуров останал со задача да ги собере преостанатите востаници, да го следи противникот и да го поддржува духот на населението. Чакаларов и Кљашев во близината на с. Апоскеп нападнале и потполно разбиле една турска чета од 200 војници.

Тоа предизвикало паника низ улиците на Костур оддалечен само пет до шест километри од местото на настанот. По тој повод турскиот командант Етхем-паша испратил засилување, но и тоа било разбиено. По таа победа на Турците им станало јасно дека востанието не е задушено, а одредот спечалувајќи се со големиот успех се поделил на два дела. Чакаларов со 120 души се насочил кон селата Смрдеш, Д'мбени, Косинец и кон Нестрам. Останатите со Кљашев се вратиле кон Кономлади каде што формирал повеќе помали чети заради полесното снабдување и одржување на востаничката состојба. Во меѓувреме четите на Чакаларов воделе бројни боеви и борби со војската и башибозукот. На 17 септември во с. Кономлади повторно се сретнале Чакаларов и Кљашев. Во меѓувреме Турците испратиле еден баталјон војска. Во наредните два дена востаниците воделе два боја и со непрекинати маневри им нанесувале поразителни удари.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев