Илинденско востание - Борбите во Костурско

Костурскиот востанички реон го зафаќал југозападниот дел на Македонија. Неговите граници се совпаѓаат со административните граници на Костурската каза.


Анимација - Борбите во Костурско

Преку овој реон поминува етничката граница која ги дели Македонците од Албанците по течението на реката Бистрица и на реката Девол и Македонците од Грците по сртовите на планините Грамос, Смоликина и Саракина од запад на исток. Во тие граници во тоа време апсолутно мнозинство имало македонското население. Од вкупните 75.000 жители 51.000 биле Македонци, односно 77%. Од другите етнички групи најмногу имало Грци 13%, Турци околу 5%, останатите биле Албанци, Власи и други. Внатрешната револуционерна организација развила широка мрежа на комитети на ТМОРО речиси во сите христијански села. Во овој реон револуционерната дејност особено била засилена откако при крајот на 1901 и почетокот на 1902 година престојувал Гоце Делчев кој извршил обиколка и со својата чета практично го одржал "вишиот агитационо-организаторски курс". Откако ја завршиле оваа школа за месни раководители на предлог на Гоце Делчев се поставени Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Поп Трајков и други.

Васил Чакаларов и Пандо Кљашев со соборците


По неуспешниот обид на полковникот Анастас Јанков во Загоричани да подигне востание, состојбата во Костурско значително се влошила. Турците презеле строги мерки за да ја разоткријат и да ја уништат Внатрешната организација. Месните раководители сметале дека ако потрае таквата состојба постоела опасност Организацијата да биде откриена. За да се избегне откривањето тие барале што поскоро да се подигне востание. Такво барање било испратено до Окружниот комитет во Битола, до ЦК во Солун и до Задграничното претставништво во Софија. Во тоа време во Костурскиот реон биле стационирани 1.800 војници: во Костур 500 души, во Хрупишта 300, во Биглиште 200, во Загоричани 150, во Нестрам 150, во Кономлади 150, во Вишени 150, во Смрдеш 120, во Поздивиште 90, во Рула 70 души. Потрагите и претресите, апсењата и убиствата биле речиси секојдневни. Сето тоа влијаело револуционерните дејци да ја засилат активноста со одржување состаноци по селата и да го подготвуваат населението за востание.

Во услови кога револуционерниот стремеж и подготовките за востание се повеќе растеле и кога теророт на турските власти се потешко се поднесувал, се одржувал Смилевскиот конгрес, а костурските претставници Чакаларов и Кљашев не само што биле за востание туку апелирале тоа веднаш да започне. Според решенијата на Смилевскиот конгрес, за членови на Горското началство на Костурскиот востанички реон се одредени: Чакаларов, Кљашев, Поп Трајков, Манол Розов и Михаил Николов, а за воена подготовка на војводите е одреден Иван Попов. Во почетокот на мај во селата Д'мбени, Блаце и Пополе се одржани состаноци на кои претставниците на Смилевскиот конгрес зборувале за општата состојба и за подготовките за востание. Било избрано Горско началство на реонот, односно потврден предлогот од Смилевскиот конгрес. Костурскиот востанички реон е поделен на пет подреони и биле одредени војводи кои ќе бидат потчинети на Горското началство.

Потоа започнало формирање на воените сили, обука и вооружување, снабдување со храна, облека, санитетски и друг материјал. Турците ја зголемувале војската, жандармеријата и злосторствата. Го запалиле селото Смрдеш, а селаните потоа формирале три чети по 50 души. Во тоа село била бомболеарницата што претставувало сериозна загуба.

Две недели подоцна Организацијата претрпела уште еден сериозен удар. Турците откриле и одзеле 100 пушки од селата Статица, Кономлади и други. Реонското раководство наредило селските чети да излезат во Тората, а по уништувањето на с. Смрдеш војводата Чакаларов на 31 мај во 11 часот кај месноста Локвата извршил напад при што турските сили имале големи загуби. Во средината на јули 1903 војводите Чакаларов, Кљашев и Иван Попов со своите чети започнале обиколка по реонските села.

По добивањето на одлуката за почетокот на востанието за четири до пет часа сите 80 организирани села во Костурско биле известени. Во меѓувреме бил откриен однапред подготвениот план за напад на Костур. Поради тоа востанието во Костурско започнало на 2 август вечерта кога четата на Иван Попов и селските чети од Апоскеп и од Жупаниште ги нападнале помалите турски посади во околијата на Костур. По провалата на планот за нападот на Костур раководството на реонот донело одлука да се нападне градот Клисура.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев