Манастир Матејче
Манастирот Матејче е еден од оние манастири во Македонија што се сместени на голема надморска височина.
Тој е подигнат на 1005 метри височина, на југоисточните падини на планината Скопска Црна Гора, од нејзината кумановска страна.

Манастирскиот комплекс е сочинет од црквата посветена на Успението на света Богородица и конаците што денес се обновени и оспособени за престој на туристи.

За историјата на манастирската црква дознаваме од хрисовуљата на цар Милутин од 1300 г., во која е забележано дека нејзината градба ја започнал царот Душан, подигајќи ја врз темели на постара црква, посветена на света Богородица Црногорска. Фактот дека овој цар започнал со градење на црквата се споменува и во биографијата на цар Урош, каде е наведено дека по смртта на Душан, неговата жена Елена и синот Урош ја доградиле и живописале црквата.

Во однос на оваа црква, во одредени записи, е забележано дека до Втората светска војна, во нејзиниот олтар, имало капеличка која потекнувала од XII век. Црквата е реставрирана во 1934, 1953 и 1960 година, по еден подолг период кога била во урнатини.

Во однос на архитектурата, таа претставува петкуполна градба со основа во форма на впишан крст. Централната голема купола е дванаестострана, а другите четири помали куполи се издигаат над аглите на основата. Надворешната страна на олтарната апсида е петострана и е збогатена со декоративни ниши од тула. На фасадата на црквата се забележуваат пиластри и слепи аркади.

Живописот од ЏИВ век, што ја исполнувал внатрешноста на црквата, денес е во голема мера уништен. Сочувани се сцени од животот на Христа и Богородица, на западниот ѕид се забележуваат остатоци од претставата на лозата на византиските цареви, а ликовите на ктиторското семејство, цар Душан, царица Елена и синот цар Урош, се наоѓаат на јужниот ѕид.

Она што е интересно во оваа црква се сочуваните записи, меѓу кои е и записот во кој се спомнува годината 1568 како година на смртта на скопскиот митрополит Никифор, како и записот кој го оставил Кирил Пејчиновиќ, големиот македонски верски и просветителски преродбеник од XIX век.