Лешочки манастир
На 8 километри оддалеченост од градот Тетово, на југоисточното подножје на Шар Планина, лежи селото Лешок.
Сместено во прекрасен природен амбиент, збогатен со чистиот планински воздух, селото со своите исклучително поволни климатски карактеристики е едно од најпријатните и најздравите места во Македонија. Од тие причини, веќе педесетина години, таму постои болница за градни болести.

Во т.н. Горно Лешочко маало, на надморска височина од 610 метри, се наоѓа познатиот Лешочки манастир, во чиј комлекс постојат црквите Свети Атанасиј и Света Богородица, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век. Со неговото доаѓање од Света Гора, во 1818 година, обновени се манастирските конаци, основана е манастирската библиотека, а Лешок прераснал во книжевен и просветен центар.

Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

До манастирот постои редовна, на секој половина час, автобуска линија Тетово-Лешок.