Илинденско востание - Борбите кај селото Карбуница

Борбата во селото Карбуница е една од најжестоките борби во целото Илинденско востание.


Анимација - Борбите кај Карбуница

На 4 август околу 8 часот наутро еден баталјон редовна војска (800 души) и башибозукот од околните албански села го нападнале селото Карбуница (Долна Копачка). Селото го бранел одредот на војводата Арсо Мицков во состав од 200 четници. По четвртиот обид противникот успеал околу 12 часот да го заземе селото. Борбите се пренеле на порано подготвените позиции кај месноста Ѓурѓевица каде што во меѓувреме пристигнале уште 350 востаници од Горна и од Долна Копачка. Откако ја проценил состојбата Мицков испратил повик за помош преку курирот до Демирхисарските раководители. Демирхисарската реонска чета засилена со селани предводена од Јордан Пиперката и од Димитар Дечев со околу 150 востаници веднаш пристигнала во моментот кога на противникот му стигнала помош од кичевскиот гарнизон и албанскиот башибозук на чело со прочуениот злосторник Сефер од Зајас. Борбите започнале веднаш. По кусите престрелки, пушките се фрлиле настрана, а борбата продолжила гради в гради. Само ножови блескале и се слушале пискотници. Македонските востаници неискусни во таквата борба покажале восхитувачка храброст.

Во моментот кога противникот ја презел иницијативата еден демирхисарски востаник со истрел од пушка го погодил Сефер и го убил. Тој важен момент го решил исходот на бојот. Востаниците го искористиле моментот и уште посилно навалиле, а противникот избегал. Во таа дванаестчасовна борба македонските востаници учествувале со 700 души, при што имале 30 мртви и ранети, а турската војска и албанскиот башибозук ангажирале 1.500 души од кои загинати и ранети имало 120 души. По таа борба војската се повлекла во Кичево, а башибозукот се криел по шумите.

Откако ги загубил позициите во Кичевскиот реон противникот ги насочил силите кон Поречкиот реон. На 8 август турска војска од 2.500 души и 1.000 души башибозук навлегла во подреонот Рабетин Кол. Востаниците околу 100 души на чело со Ванчо Србаков го дочекале противникот на позициите во месноста Подувач во планината Чалоица. Поради бројноста на противникот и употребата на артилеријата, востаниците се повлекле околу 200 чекори. Изборот на позициите, утврденоста и висината овозможила малубројните востаници да го спречат продорот на бројниот противник. Турската војска се повлекла. На боиштето оставила 80 убиени. Востаниците загубиле 12 души. При враќањето кон Кичево војската ревносно ги запалила селата Орланци и Рабетино. При тоа убила 20 жени, деца и стари. По таа борба турската војска цел месец не влегла во Рабетин Кол и во Порече. Со тоа завршила првата фаза на востанието која за Кичевскиот реон траела од 2 до 4, а за Поречкиот од 2 до 9 август. Во тој период македонските востаници демонстрирале храброст, упорност, а недостатокот на оружје го потполнувале со маневар и прецизност во стрелањето.

Втората фаза во Кичевскиот реон траела до 28 август, а во Поречкиот до 7 септември. Во тој период реонските началства ја организирале месната власт на ослободената територија. Дел од населението останало во селата, а за поголемиот дел биле организирани логори на одбрани места. Власта ја сочинувале членови на месните комитети и реонските началства, а била организирана по комунален принцип. Главна задача била востанието да се обезбеди со оружје, храна, облека, санитетски и друг материјал. Додека Горското началство се занимавало со организирање на власта, иницијативата му била препуштена на противникот. Во исто време два баталјона од корпусот на Омер Ружди-паша тргнале од Призрен преку Тетово и Гостивар за Кичево. На 5 август Ружди-паша испратил уште два баталјона и една батерија планинска артилерија. За Кичево бил одреден и дел од војската која од истиот корпус со возови била префрлена од Феризовиќ (Урошевац) преку Скопје до станицата во Градско, а оттаму за Битолскиот вилает. На 20 август во Кичево биле концентрирани осум баталјони, односно околу 6.000 војници.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев