Одржувањето на окружните конгреси

Настаните во Илинденскиот период според целите претставуваат револуција на македонскиот народ.


Таквиот карактер на востанието го определуваат повеќе факти: 1. подготовките и раководството ги водела Револуционерната организација; 2. таа имала за цел по пат на сила да се разурне Турската Империја, 3. за извршување на таа цел биле создадени вооружени сили, односно армија на МРО што, всушност, претставувала македонска војска и 4. била создадена македонската Крушевска република. Според тоа, Илинденското востание не било цел, туку средство и начин за остварување на целите на македонската револуција.

Непосредно по донесувањето на одлуката на Солунскиот конгрес на ТМОРО во јануари 1903 година за објавување востание во Македонија, раководителите на одделни револуционерни окрузи особено внимание им посветиле на политичките подготовки и на организацијата и вооружувањето на четите. Согласно воената и политичката стратегија на ТМОРО и процената за односот на воените сили и воената состојба на територијата на Македонија, раководствата на револуционерните окрузи ги започнале соодветните подготовки на населението за востание.

Во текот на првата половина на 1903 година во револуционерните окрузи се одржале конгреси на окрузите на кои биле донесени конечни решенија за формирање главни раководства на востанието во окрузите, за организационата структура и вооружувањето на воените сили. Основите за извршување на поставените задачи постоеле во повеќегодишното искуство на агитационо-организаторските чети, во одредбите на Уставот и на Правилниците на четите на ТМОРО.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев