Борбата во с.Баница и убиството на Гоце Делчев

Внатрешната организација во почетокот на XX век се соочувала со тешки проблеми. Турската власт ги заострувала мерките, Врховниот комитет ја зголемувал активноста и влијанието, а ТМОРО не била толку цврста за да ги отфрли надворешните влијанија.


Бројните провали и предавства предизвикувале ненадоместливи загуби. Опасностите од таквата состојба најреално, дури и визионерски ја процениле задграничните претставници Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Натамошната нивна дејност главно е насочена кон спречување на антимакедонските влијанија со цел да ја сочуваат Внатрешната организација и нејзините основни принципи - борба за автономија како преодна етапа кон независна Македонија. На 31 јануари 1901 година по големата провала во Солун бил уапсен целиот ЦК на ТМОРО. Тој настан предизвикал немир во Организацијата. Врховниот македонски комитет се обидел да ја зграби обезглавената Внатрешна организација.


Гоце Делчев со соборците

 

Поради тоа Гоце Делчев и Ѓорче Петров испратиле едно опширно циркуларно писмо со шифри до сите организации во кои им се давало упатства за нивното држење во таквата ситуација. Во писмото покрај другото се вели: "Два настана, еден од друг посудбоносен за ослободителното дело, едновремено и нанесуваат удар на нашата Организација - едниот однатре, другиот однадвор и ја прават нејзината положба толку деликатна колку што никогаш досега не била..." Внатрешниот настан е апсењето на членовите на ЦК во Солун, а надворешниот е решението на Врховниот комитет во Софија да го преземе раководството на Внатрешната организација во свои раце. На тој начин Гоце Делчев и Ѓорче Петров, покрај турските власти, во Врховниот комитет стекнале уште поголем противник. Ова особено е значајно поради фактот што веднаш по апсењето на ЦК, раководењето со ТМОРО го преземал Иван Гарванов.

Во 1901 година Иван Гарванов станал претседател на ЦК на ТМОРО во Солун. Негова прва акција била смената на Гоце Делчев и на Ѓорче Петров, а за нови задгранични претставници биле одредени Димитар Стефанов и Туше Деливанов кои наскоро биле заменети со д-р Христо Татарчев и Христо Матов. Со тоа Внатрешната организација речиси веќе била во рацете на Врховниот комитет. Потоа Ѓорче Петров останал во Софија за да ги одбива ударите на ВМК, а Гоце Делчев заминал во обиколка низ Македонија, таму на теренот, по селските комитети да ја објаснува суштината на Внатрешната организација, но и целите на Врховниот комитет.

Во 1902 година Врховниот комитет со поддршка на бугарската влада на двапати се обидел со чети формирани во Бугарија да крева востание во Македонија. Првиот обид го извршил полковникот Анастас Јанков, а потоа дошло Горноџумајското востание на 23 септември 1902 година. И едното и другото му нанеле големи пакости на македонскиот народ, зашто целта на врховистите што го правеле тоа била да извршат само провокации и да се вратат во Бугарија, а населението да го изложат на безмилосна одмазда на војската и на башибозукот. Против таквите обиди на Врховниот комитет Гоце Делчев најенергично протестирал. Поради тоа почнал четите на Внатрешната организација да ги формира внатре во Македонија. Со оглед на спротивставените цели на ТМОРО и на ВМК често доаѓало до вооружен судир меѓу нивните чети. Имало повеќе обиди од страна на Врховниот комитет да се изврши атентат врз Гоце Делчев. Откако станал претседател на ЦК на ТМОРО, Иван Гарванов ги насочувал сите работи за да го забрза решението за дигање востание не водејќи сметка за неподготвеноста на македонскиот народ внатре, за меѓународната ситуација надвор и не земајќи го предвид мислењето на фактичките столбови на Организацијата: Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои во моментот се наоѓале надвор од Македонија. Даме Груев во тоа време се наоѓал во затвор, па не ја знаел состојбата внатре. На Солунскиот конгрес од 2 до 4 јануари 1903 година е донесено решение за востание.

На Софиското советување истакнатите револуционерни дејци се изјасниле против масовно повсеместно востание. Но, за да го спречат солунското решение требало против него да се произнесат окрузите во внатрешноста со формални решенија. Меѓутоа, ЦК раководен од Иван Гарванов одлучително го застапувал солунското решение. Задграничните претставници Христо Матов и д-р Христо Татарчев го поддржувале Гарванов. По Софиското советурање сите заминале без единствено решение. Некои и не сакале да се спротивстават на решението, други, пак, без оглед што биле против, веднаш заминале да го подготвуваат востанието (Б. Сарафов и В. Ковачев). Единствено, потполно разочаран со донесувањето на решението за востание, Гоце Делчев заминал за Серско со надеж дека Јане Сандански и Пејо Јаворов и другите интелектуалци од округот ќе можат да влијаат на ЦК да се одложи востанието. Во февруари ЦК на ТМОРО по земеното решение за востание на Солунскиот јануарски конгрес испратил циркулар до своите подрачни органи.

Гоце Делчев, незадоволен од решението на ЦК за дигање востание, тргнал во Македонија да го запре ова решение. Меѓутоа, со оглед на тоа дека циркуларот на ЦК веќе бил испратен до месните комитети, а согласно одлуките на Софиското советување и насоките за партизанската вооружена борба изработени од Ѓорче Петров и Христо Матов, Гоце одлучил да изврши ревизија на сите чети од Серскиот револуционерен округ и во духот на насоките и на планот за акции, да го подготвува населението за долготрајна партизанска борба. По извршената ревизија на четите, Гоце Делчев лично планирал и учествувал во повеќе акции. При крајот на јануари 1903 година во селото Кара Ќој, Неврокопско, Гоце Делчев се сретнал со Јане Сандански, со Пејо Јаворов, со Таската Серски и со други војводи на Мелничката организација. Тука извршил ревизија на две неврокопски, серската и мелничката чета и се запознал со општата ситуација во Серскиот револуционерен округ.

По таа средба четите и војводите се повлекле кон пештерата во месноста "Капи" кај Крушево на планината Алиботуш, Демирхисарско. На широк простор Гоце Делчев изведувал практична обука во подготовка на експлозив и експлозивни направи за насочена цел. Две-три недели подоцна, односно ноќта на 18/19 март 1903 година Гоце Делчев ја предводел четата во акцијата на реката Ангиста кај истоименото село во која ги разурнале железничкиот мост, тунелот во близината на мостот, ја минирале железничката пруга, а на две места ги исекле телеграфските жици. По тој повод во своето последно писмо Гоце Делчев на П. Јаворов меѓу другото му пишувал: "Кога ќе пишуваш во весникот Слобода или смрт за извршеното, не припишувај го на чета, туку на онаа сила, воопшто, што се наоѓа во целата земја под името Тајна револуционерна организација."

По диверзиите кај Ангиста, четите во округот агитирале населението да не се крева на востание до потполното вооружување. Истовремено се собирале облека, храна, оружје и други средства потребни за извршување диверзантски акции. Турските власти ја предосетиле раздвиженоста на четите и преземале строги мерки. Десетина села во Драмско и во Неврокопско биле изложени на ужасен терор. На 15 април било опкружено селото Балдево каде што била разбиена една неврокопска чета која носела оружје. Селото било запалено, 60 куќи изгореле, 48 души загинале. Репресиите се пренеле во селата Осиково, Дагчифлик, Кара Ќој, Скребатно и други. Казнениот одред го предводел неврокопскиот кајмакам.
Неколку дена по диверзиите кај Ангиста Гоце Делчев заминал за Солун да се сретне со Даме Груев, кој пред Велигден бил пуштен од затвор од Мала Азија. На патот кон Солун по пристигнувањето во селото Даутли, Серско, Гоце и неговиот придружник Димитар Коштанов (Гуштанов) биле преоблечени во селска носија за да можат полесно да влезат во градот Серес. Во градот ги пречекал курирот и ги одвел до селото Караџово, а тука ги чекал втор курир кој ги одвел во селото Сјаковча.

Оттаму со нов курир заминале за селото Негован, а оттука Гоце сам заминал за Солун. На железничката станица во Солун на Велики четврток Гоце преоблечен како селанец во кукушка носија слегол од возот со полна крошна велигденски црвени јајца. Откако ги послужил жандарите со црвени јајца, тие го пропуштиле без претрес. Вечерта Гоце се сретнал со Гарванов во неговиот стан. Следниот ден се сретнал со Даме Груев насамо. Гоце Делчев се задржал со Даме два до три дена, при што, вложувал силни напори да го убеди Даме Груев дека народот не е подготвен за едно општо стратегиско востание, особено истакнувал Гоце дека Серскиот округ е сосема без оружје. Даме Груев го разубедувал Гоцета дека Гарванов веќе го испратил циркуларот за дигање востание. Груев му рекол на Гоце дека за востание се изјасниле Лозанчев и Чернопеев, а и гурбетчиите се вратиле од Цариград дома во Македонија, па веќе е доцна да се премислува. Што се однесува до оружјето, Даме го убедувал Гоцета дека од Грција наскоро ќе бидат донесени 1.000 пушки. Според Ѓорче Петров во Солун Гоцета го наговориле со мисијата да ги убеди другарите во Серско за востание и тој да го организира. Јане Сандански пратил чета да го пречека во Серско Поле и да го одведе в планина. Пред да замине за Серско Гоце Делчев пратил писмо до Ѓорче Петров во кое пишува дека по прашањето за востанието не може ништо да се направи и оти оди во Серско "да си ја даде главата".

По разговорите со Даме Груев во Солун Гоце Делчев испратил наредба до Серскиот комитет на планината Алиботуш да се повикаат сите реонски чети од Серскиот револуционерен округ, како и претставници на околиските комитети на ТМОРО. Сметал дека на еден окружен конгрес требало да се донесе план за учество на Серскиот округ во претстојното востание. По разговорите Даме Груев веднаш заминал за Битола, Гоце Делчев останал неколку дена во Солун. Таму во солунската гимназија го затекнале и солунските атентати. По силните експлозии Солун бил претворен во дим, Гоце преку Кукушкото маало се упатил кон излезот од Солун, потполно сам. Во големата брканица и раздвиженоста на војската и полицијата едвај се извлекол од Солун и се упатил кон селото Негован, а оттаму за Серес. Од Серес преку селото Даутли вечерта стигнал во селото Баница. Тука го дочекале четите на Димитар Гуштанов и на Михаил Чаков, како и на Димо Хаџидимов. Поздравувајќи се со насобраните војводи и четници Гоце им рекол: "Јунаци, во Солун ги разигравме анамите со широките шалвари. Од 'Банката Империал Отоман', не остана ни трага. Така ќе ја раздрусаме од темел таа гнила Турска Империја". Тоа значи дека Гоце Делчев учествувал во Солунските атентати. Според Ѓорче Петров "кај Гоце Делчев, пред да загине, беше се јавило едно расположение за атентаторство..." Разговорот со другарите при средбата во село Баница Гоце Делчев го завршил со зборовите: "На Ѓурѓовден во Ловченската корија, на конгресот, ќе продолжиме со разговорот". Потоа, Гоце, Хаџидимов и Гуштанов отишле да се одморат во соседната куќа.

Гоце Делчев во Солун веќе бил откриен, односно предаден од врховистите. Турците знаеле дека во станот каде што разговарале Груев и Делчев ќе пристигнат Гарванов и Думев, кои навистина дошле. Турците, исто така знаеле дека по разговорите со Груев, Гоце ќе замине за Серско. За тоа време Гоце Делчев бил следен од поранешниот бугарски офицер Тефиков, другар на Гоце од военото училиште во Софија, а во тоа време началник на жандармеријата во Драмско. Таквите информации ги добил Ѓорче Петров во Софија од еден бугарски министер, а тој ги имал од турското комесарство. Меѓутоа, во општата брканица во време на Солунските атентати Тефиков го загубил Гоцета, по што тој заминал за Серско. Во меѓувреме до Управата на Серскиот санџак стигнало известување од шпионите дека во серските села Раховица (Орехово), Баница (денес Карие), Горно и Долно Броди, Мортатово, Горно и Долно Фраштани, Метох и Мрамор, врши обиколка една бунтовничка чета.

По тој повод, на командантот на деветтата пешадиска дивизија, чија команда била во Серес, му било наредено во тие села да се испратат два одреда, заради преследување на четите. Независно од тоа, во Серско веќе пристигнал и жандармерискиот одред на чело со Тефиков. По пристигнувањето на Гоце Делчев во селото Баница, турските сили веднаш добиле точни информации за бројот на четниците, распоредот и сместувањето па дури и во која куќа се наоѓа Делчев. Во раните зори селото било блокирано. На турските сили им пристигнала помош од редовна војска, а од резервниот баталјон од село Г. Фрштани бил упатен одред од 100 души и еден коњанички одред. Бројната состојба на четите изнесувала 21 четник, а со приклучените селани вкупно имало околу 60 души. Турските сили што ја извршиле блокадата имале четири одреда, непосредно пред борбата им пристигнале уште два одреда коњаница со што вкупната бројна состојба се зголемила на 300 војници. Жандармеријата директно ги блокирала куќите во кои бил Гоце со најблиската придружба, а војската го блокирала целото село со повеќе појаси на опкружување, како и околината на селото Баница.

Пред разденување кругот почнал да се стеснува. Одеднаш во куќата каде што биле Гоце, Хаџидимов, Гуштанов и други, влегол полјакот на селото Ѓорѓи Иванов и ги известил дека "околу е полно со аскер, од сите страни". Гоце и сите други веднаш истрчале во дворчето оградено со ѕидче од еден метар висина, што во моментот служело како засолниште. Во близината на Гоце се нашол војводата Михаил Чаков кому Гоце му рекол да удрат преку селото и да се дофатат до крајните куќи. Веднаш потоа, Гоце Делчев, Хаџидимов, Гуштанов, Чаков, Таската Серски и други кои биле со нив, по тесната и кривулеста улица се извлекле незабележани во горниот крај на селото. Последната куќа која била залепена со плевна им била од лева страна, а напред една полјана со блага стрмина нагоре, на 20 до 30 чекори пред нив имало ѕидчиња што служеле како ограда на нивите. Само што Гоце бил предупреден од Чаков да не оди прв, од зад ѕидчето се појавиле аскери со насочени пушки кон четниците. Гоце Делчев ја дигнал пушката и прв стрелал кон Турците. По истрелот застанал да ја наполни пушката, но веднаш залегнал. При вториот обид да се подигне за да стрела, бил погоден и паднал врз пушката. Додека останатите стрелале, Гоце по една минута се подигнал, се потпрел на двете раце и гледал кон другарите кои веќе се доближиле до ѕидчињата и покрај куќата. "А-а-х другари, ме ранија". Едвај тоа го проговорил и изгаснал. "Многу пред време загинало огледалото на ВМРО".

Борбата во селото Баница траела точно 30 часа. Почнала на 4 мај во 10 часот, а завршила на 5 мај 1903 година во 16 часот. Покрај Гоце, 11 четници паднале мртви. Селото било запалено. Многу луѓе изгореле. Во селото имало скриено големи количества експлозив и муниција, па сето тоа експлодирало. Не се знае бројот на мртвите под урнатините. Турците имале пет загинати и осум ранети. Меѓу турската војска, особено меѓу жандармеријата имало и Македонци предавници, шпиони, врховисти, како и Бугари. По убиството на Гоце Делчев од кај турската страна јасно се слушнало: "Утепахме го и това псето". Потоа кај мртвиот Гоце Делчев биле пронајдени карта на Серскиот реон и упатства за уривање железничка пруга, како и податоци дека четите одредени за борбени дејства, за атентати во Серес, во Велес и на други места ќе ги командуваат Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Покрај наведениве загуби по борбата 166 души од селото Баница биле затворени.

Нешто подоцна серчани ги откриле предавниците кои сите биле врховисти и биле казнети со ужасна смрт. Во предавството на Гоце Делчев непосредно учествувале, а се сомнева дека и убиството го извршиле, Ѓорѓи Шимов Агов, браќата Ванчо и Спас Запрови, Ванчо Говедаров, Никола Тодоров, Никола Зафиров и Петар Маралиев. Сите тие биле членови и соработници на врховистичките формации. Во своите кратки спомени Димо Хаџидимов истакнува "Гоце Делчев своите последни напори ги насочил во добивање поддршка кај бројните македонски револуционери за да се одложи непромислениот чекор на Организацијата, да не загине како бугарско орудие кое Македонија јавно ја наведувала на национално и политичко погребување, туку да загине како борец за независност, за македонскиот ослободителен идеал, за кој Гоце Делчев апсолутно никогаш немал зборувано како националист македонски, а уште помалку бугарски". По загинувањето на Гоце Делчев никој повеќе не можел да го насочува, ниту со таква сила, способност и авторитет да раководи со востанието. Особено било тешко да се спречи влијанието на Врховниот комитет врз Внатрешната организација.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев