Решението на ТМОРО за востание

Горноџумајското востание ги истакнало сите несогласувања што постоеле меѓу македонската емиграција, ВМК и ТМОРО.


Исто така, ги покажало трагичните последици доколку се започне востание со недоволно вооружен народ и неподготвен за борба. Меѓусебните обвинувања, па и судири се зголемиле непосредно по востанието. Тоа било причина новите задгранични претставници на ТМОРО во Софија д-р Христо Татарчев и Христо Матов да се обидат да ги подобрат односите меѓу македонските организации во Бугарија.

Во декември 1902 година тие ги започнале преговорите со Цончев. Во исто време Гарванов испратил писмо до истакнатите дејци на ТМОРО да се состанат во Софија за да го сознае мислењето за вооружено востание. Во писмото особено се истакнувала тешката положба во Битолскиот револуционерен округ. Состанокот во Софија бил одржан во декември 1902 година. На истиот присуствувале Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Сава Михајлов, Борис Сарафов, Михаил Ѓерџиков, Х. Татарчев, Х. Матов и други. По наметнатото прашање од Гарванов мислењата биле поделени. Татарчев и Матов го поддржувале, додека мнозинството, меѓу кои Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов и Михаил Ѓерџиков го отфрлиле предлогот за скорото дигање на востание.


Писмо со кое се објавува востанието

По долгите расправи се дошло до компромисно решение според кое вооружените сили на ТМОРО требало да ги засилат акциите против деловите на 2. и 3. турски армиски корпус, а терористичките групи да ги зачестат динамитните атентати, односно диверзантските дејства по стратегиските патишта и железничките линии во областите. Согласно со овој предлог Ѓорче Петров и Христо Матов биле одредени да изработат насоки за идните дејства на вооружените сили на ТМОРО. Тие предвидувале атентати врз видни турски чиновници, напади на помали жандармериски и воени единици, воени складишта, диверзантски дејства на железничката пруга, мостови, тунели, владини и воени згради и други воени објекти. Акциите не се ограничувале ниту со време ниту со број. Тоа биле дејства од прв и од втор степен според насоките. Со овие насоки всушност биле поставени основите на партизанското војување какви веќе се изведувале низ сета Македонија. Тоа значи дека воопшто и не било потребно да се прогласува некој ден за востание со оглед на веќе востановената востаничка партизанска, односно герилска состојба.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев