Дејноста на Македонскиот врховен комитет

Во почетокот на април во 1895 година во Софија е создаден Македонски комитет кој веднаш по формирањето го добил името Врховен македонски комитет (ВМК).


Прв претседател на ВМК бил Македонецот од Преспа Трајко Китанчев. Од II конгрес во декември 1895 година ВМК се преименувал во Врховен македонско-одрински комитет (ВМОК). ВМК е формиран на иницијатива на група Македонци - бугарски офицери кои биле поддржани од бугарската влада и од кнезот Фердинанд. Македонското прашање од Берлинскиот конгрес до балканските војни во документите на соседните земји и на големите сили речиси постојано било третирано како посебно прашање, како национален проблем кој треба да се реши со давање статус на автономија во рамките на Османлиската Империја или како рамноправна членка во рамките на една балканска или јужнословенска федерација. Во сите програми и проекти доминираат два основни принципа: политичката автономија и територијалната целост на Македонија.

Овие принципи во највисок степен и во целост биле разработени во проектот за реформи од пролетта 1896 година наречен "Белешка за реформите кои треба да се воведат во Македонија за таму да се смири христијанското население". Тој документ изникнал како плод на општествен консензус на сите заинтересирани фактори. Идејата потекнала од Македонскиот врховен комитет во Софија во кој во тоа време доминирала русофилска опозиција од која подоцна настанале Демократската и Прогресивнолибералната партија. Внатрешната македонска организација го прифатила овој проект како сопствена политичка програма и во следните години го застапувала.


Кнежевски двор во Софија

Македонската револуционерна организација ја застапувала идејата за полна политичка автономија на Македонија што било рамно на независна држава, и тоа со сопствени сили. Таквиот став Гоце Делчев го изразил со зборовите: "Кој мисли дека Македонија ќе ја ослободи некој друг, од надвор, се лаже и себе си и другите ги лаже" Притоа, МРО не ја исклучувала помошта од други земји, а особено се надевала на помош од Бугарија. Меѓутоа, МРО не прифаќала надворешни политички влијанија врз Организацијата и врз уредувањето на автономијата, односно на македонската држава. Македонскиот врховен комитет, исто така, го застапувал мислењето дека автономијата на Македонија треба да се искористи како етапа кон нејзиното осамостојување и создавање македонска политичко-правна држава, но со помош на Бугарија. Потпирањето на Бугарија го искористиле големодржавните сили во бугарската влада, па настојувале преку ВМК да ги остварат големобугарските цели, односно автономијата на Македонија и на Одринско да ја искористат како етапа за нивно присоединување кон Бугарија, нешто слично како што била присоединета Источна Румелија во 1885 година. Поради тие прашања дошло до спротивности помеѓу ТМОРО и ВМК. Меѓусебните односи толку се заостриле што подоцна се претвориле во вооружени судири во кои загинале бројни Македонци меѓу нив и најистакнатите дејци и раководители на македонското ослободително движење.
-----------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев