Тајната полиција

Постоењето и зголемувањето на бројот на терористичките групи било неопходно. Поради тоа ЦК на ТМОРО на конгресот во Солун во 1896 година им посветил особено внимание и официјално ги реорганизирал како тајна полиција.


Задачите, структурата и формацискиот состав на тајната полиција се материјализирани и поцелосно разработени во Уставот и особено во главата VIII на Правилникот на ТМОРО.

Согласно членот 10 од Уставот секој комитет на Организацијата имал своја тајна полиција чија цел била да ги следи "делата на внатрешниот и надворешниот непријател". Во зависност од задачите кои треба да ги изврши, тајната полиција се состоела од две одделенија - истражно (иследно) и извршно (казнено) (чл. 34). Истражната полиција вршела разузнавачка функција. Таа ги откривала, ги следела и ги собирала податоците за непријателите на Организацијата, без оглед дали се работи за турско или христијанско население, ги следела движењата на официјалните турски власти и ги откривала нивните мерки, особено дејноста на тајната турска полиција, ги проучувала новопристигнатите туѓинци во градот без оглед на вера и народност и ги следела наредбите и дејноста на комитетот на Организацијата (чл. 35). На чело на истражната полиција стоел началник избран од раководителот на соодветниот комитет. Тој имал три помошници кои ги бирал сам, а кои меѓу себе не се знаеле (чл. 34). Извршната (казнената) полиција ги извршувала одредените казни изречени од Месниот или од Централниот комитет над лицата "обвинети за дејност против Делото" (чл. 37).

Терористите од извршната полиција биле задолжени постојано да бидат вооружени со револвер и со кама (нож), а во време на акција и со два револвера (чл.39). За поголема сигурност, освен посоченото оружје, можеле да носат и дополнително оружје, на пример, бомби, пушки и отров. Истражната и извршната полиција му биле потчинети на раководителот на Месниот комитет. Тој им бирал началник по сопствена процена (чл. 36) и по неговата наредба се извршувале казните што биле предвидени по одлука на Месниот или на Централниот комитет (чл. 37). Извршната полиција во одредени случаи можела да му даде помош на соседниот комитет од револуционерниот округ, но само по наредба на раководителот или по наредба на ЦК на ТМОРО (чл. 40). Тајната полиција на ТМОРО, без оглед на тоа што била материјализирана во Уставот и во Правилникот на ТМОРО, поради ограничениот број на воено обучени кадри, институцијата на тајната истражна и извршна полиција не се изградила одеднаш. Многу акции биле откриени, а некои поради необученоста на терористите биле неуспешни. Со некои терористи пред извршувањето на одредената казна, се вршела обука во стрелање, па потоа се испраќале на извршување на задачата.

-------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев