Формирање ударни (терористички) групи

Посебно место во развојот на ТМОРО имале терористичките групи и курирската служба. И двете формации имале повремен карактер.


Курири на Организацијата можеле да бидат само лојални, храбри, снаодливи и луѓе кои ги познавале тајните патишта за да можат да пренесат тајна пошта, оружје или да преведат одредени лица во други региони. Освен куририте во повремениот состав на ТМОРО биле вклучувани и терористите на Организацијата.

Според Иван Хаџиниколов, еден од основателите на МРО, првите терористички групи биле формирани со решение на ЦК пред крајот на 1895 година со задача "да ги казнат уличните шпиони". Првата терористичка група создадена од Организацијата била во Прилеп составена од четири души. Раководител бил Јордан Попкостадинов, а членови Григор Богојчев, Пере Бодлев и Д.Т. Таа имала задача да ги следи турските движења низ градот. Во текот на 1896 година терористичка група била формирана и во Крушево.


Методи Патчев

Покрај следењето одредени луѓе, таа имала задача да собира пари за потребите на организацијата, да го помага нејзиното вооружување и друго. Наскоро, речиси, сите месни револуционерни комитети формирале свои терористички групи. Со својата дејност тие ја демонстрирале силата на ТМОРО и го зацврстувале најзиниот авторитет. Од позначајните акции што ги извршиле избраните терористи била акцијата што ја извршил учителот Методи Патчев кој на 5 август 1898 година во Охрид го убил турскиот шпион Димитар Грданов. По налог на организацијата терористички групи се формирале во Битола, во Солун, во Кукуш, а во Прилеп се проширила постојната. На тој начин до октомври 1898 година терористички групи дејствувале во 12 околии на ТМОРО. Во одредени случаи терористите, со оглед на нивното искуство, се вклучувале во агитационо-организаторските чети и често им помагале во разни осигурувања или воена заштита.

---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев