Селската милиција

Во состав на вооружените сили на ТМОРО, покрај вооружените чети, како постојана воена сила, влегувале и селската милиција што претставувала еден вид вооружување на народот.


Идејата за формирањето на селската милиција е поттикната на Ресенското советување. Тогаш, покрај другото се зборувало за вооружувањето на народот за да може самостојно да се брани, особено во селата од башибозукот и паравоени формации. По појавата на првите вооружени групи, почнала да се формира и селска милиција по сите македонски села каде што постоеле комитети на ТМОРО.

Во некои изворни документи селската милиција се нарекува и македонска народна милиција. Во неа биле вклучени сите членови на ТМОРО кои располагале со сопствено оружје. Членовите на милициските единици се занимавале со својата секојдневна домашна работа, а оружјето го чувале на тајно место. Основни задачи на селската милиција биле:

1. во секое време да бидат во готовност да го бранат своето село од нападот на помали разбојнички, пропагандни и слични вооружени групи

2. во случај на повик, веднаш да тргне на помош на опколена македонска револуционерна чета и со напад од тил да помогне во разбивањето на опсадата и извлекувањето на борците на четата од опкружувањето.

Оваа задача особено успешно се применувала по Илинденското востание кога во Македонија навлегувале разни странски (српски, бугарски и грчки) чети. Селската милиција му била потчинета непосредно на селскиот револуционерен комитет или на лице одредено од тој комитет и надлежно за воените прашања (вооружување, обука и сл.). Селските револуционерни комитети ги назначувале одговорните за селската милиција, а со селската милиција командувал ЦК преку селскиот револуционерен комитет.

--------------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев