Создавањето на вооружените сили на ТМОРО

Состојбата во Македонија по Берлинскиот конгрес наместо да се подобри, станала уште потешка.


Соседните земји, по стекнувањето на независноста со помош на големите сили ја започнале својата пропаганда, а потоа и уфрлувањето на вооружени чети. Тоа истото по пат на вероисповеста го правеле егзархиската и патријаршиската црква. Турскиот режим го зголемувал данокот и гнетот и, додека бројните вооружени чети воделе меѓусебни борби, македонскиот народот страдал. Во таква состојба на 23 октомври 1893 година се појавила МРО, а неполна година потоа, на 29 август 1894 година во Ресен, Организацијата расправала за вооружување на народот. Во наредните години револуционерното дело добило уште посилен елан, па на Вториот конгрес на ТМОРО одржан во 1896 година во Солун било решавано за организацијата, за развојот на револуционерната мрежа и за вооружувањето и подготовките на населението за вооружена борба. Непосредно потоа се појавиле првите чети на Организацијата што во почетокот имале привремен карактер, т. е. по извршената задача се распуштале.

 

-------------------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев