Борчот
Еден сиромав човек му имал за давање троа пари на еден богат. Многупати му ги сакал парите богатиот на сиромавиот, арно ама сиромавиот немал да му ги плати.
Co денеска со утре се поминало баеги време.
Врвејќи едно утро сиромавиот пред богатиот, го видел и го викнал да му ги сака парите.

„Оти не си го плаќаш борчот, бре пријателе? му рекол богатиот како на лутина;
еве толку време кај те чекам, оти не се засрамуваш барем од малку малку да даваш и да се платиме."

„Ќе потраеш, чорбаџи, уште некој месец, му рекол,
дури да изврват ќаите со овците за на вилает, да ќе остават овците волна по трњето и јас ќе си ја соберам, та ќе ја продадам и ќе ми ти платам и натплатам; а не сега да ти давам малку, утре повеќе и до најпосле сите.
Тој еѓупштилак, чорбаџи, не го правам; ја сите веднаш, ја ти биди ми жив и здрав."

Кога го чу чорбаџијата тој збор од сиромавиот, брвна да се смее и да му вели, смеејќи се кр,кр,кр,кр:
„Ете, пријателе, трај коњу до зелена трева!
Ти ми велиш да собереш волна од трње и да ми платиш."
„Еее, се смееш, чорбаџи, му рекол сиромавиот, оти ти иде арно, чунки: се увери оти ќе си ги земеш парите." Кога го чул тој збор чорбаџијата, уште посилно се изнасмеал и го испуштил.