Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7091
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Македонски револуционери
Предавството и смртта на Христо Узунов
Сподели на Facebook
Во матните води на историската неосознаеност и предавствата на националното дело, една од најсветлите и најчисти точки во македонското револуционерно движење претставува доследниот чекор што го направил охриѓанецот Христо Узунов.

Тој во колективната меморија на народот останал како доследен борец кој "од својата младост до херојскиот саможртвен подвиг ќе биде само јунак - херојски и свесен поборник за слободата на својот поробен народ"349. Подвигот во Цер во 1905 година, всушност, се јавил како достоен крај на еден живот посветен исцело на борбата за ослободување на македонскиот народ од неговите внатрешни и надворешни непријатели - во периодот пред и непосредно по Илинденското востание.

Узунов несомнено спаѓа во групата на доследните следбеници на Делчевите принципи на ТМОРО, како еден од најбескомпромисните противници на внатрешниот и надворешниот врховизам350. Како таков тој работел неуморно осум години за револуционерното освестување и организирање на народот во Охрид351 и бил речиси единствениот од битолскиот револуционерен округ кој не се одделил од народот. Одделувањето од народот и од теренот на револуционерната борба - територијата на Македонија - за него претставувало одделување или застранување од едно доследно исполнување на револуционерниот долг. Во тоа Узунов согледал една од најголемите опасности за деморализирањето на револуционерните дејци или за нивното преминување, постепено или отворено, на страната на големобугарскиот врховизам.

Затоа, веднаш по завршувањето на Илинденското востание, Узунов не само што не побегнал во Бугарија, туку ги убедувал и другите револуционерни дејци да останат со народот во моментот кога му беа најнужни352. Во Охридско, откако водачите заминале за Бугарија, според Ѓорче Петров, "ќе се јавеше грозна анархија, ако не ја зацрнеше положбата покојниот Узунов“353.

Останувајќи во својот роден крај да ја зацврстува неговата револуционерна положба и борејќи се за подобрувањето на револуционерната положба и во останатите околии на Битолскиот револуционерен округ, како еден од главните иницијатори на окружниот Битолски конгрес, Узунов не можел да молчи ниту на општиот конгрес по прашањето за катастрофа на востанието и не можел да има подруго мислење по тоа прашање, освен она кое го читаме во неговото претсмртно писмо, а кое мислење се софпаѓало со она на санданистите. Тоа го знаеле и врховистите и затоа презеле со време мерки за да го парализираат влианието на Христо Узунов и на оние кои мислеа како него. Во  неможност тоа да го постигнат, во краен случај  прибегнале кон предавство   кое   завршило   со смртта на Христо Узунов и на неговите соборци.  Цврстите   револуционерни разбирања кои ги спроведувал во  практика, во неговата револуционерна дејност, тој ги изнесол и ги бранел со неверојатна јаснотија и во неговото претсмртно писмо. Ова писмо било злоупотребувано и фалсификувано од страната на некои големобугарски историчари "за  да  се  сокрие...најсуштественото во Узуновиот револуционерен лик"354.

Во последната битка, опкружен од сите страни со непријателскиот оган, меѓу другото, кај Узунов се јавил сомнежот дека се предадени, па затоа во своето претсмртно писмо наведува: "Допуштам да сме предадени, но верувам дека е случајно". Сепак, кога детално ќе се реконструираат последните денови на движењето на Узунов, станува јасно дека неговата смрт е дело на предавство. Сето се случувало во периодот од 4 април до 11 април 1905 година и било поврзано со Иван Алабак од Велешко кој дошол од Бугарија со 18 души чета, но како сарафист никаде не му давале реон. Во истиот период во Крушевско се наоѓал османскиот жандармериски полк со заменикот командант, поручникот Изрет. Самиот Изрет известува дека од османскиот информатор добил податоци за четата "која се појавила во селата Журче и Белино и се префрлила во Годивје, а оттаму заминала за Селце. Макар и да имав намера од почетокот, известува Изрет, да заминал лично за Селце и да се информирам на самото место, нашиот посматрач ме разубеди во тоа, кога ми рече дека, востаниците демнат и дека нивното уништување е тешка работа... Во недела утрина, рано, посматрачот пак дојде кај мене и ми соопшти со најголема сигурност дека истата чета минала низ Арилово, а приквечер оттаму за Цер..."355

Османскиот доушник, чие име не е познато, до крај успешно ја извршил својата задача. Следејќи ја четата на Узунов, тој го известил Изрета за нејзиниот број и местото каде се наоѓа. Затоа Изрет можел да се подготви за нејзино обиколување и уништување. Така, Изрет тргнал "на чело со еден одред од редовна војска и жандармерија од 47 души" за Цер. Истовремено, друг одред тргнал од Прибилци за Цер. Акцијата била така организрана, што било "неопходно и едниот и другиот одред да се приближат едновремено (во еден ист час) до селото" и до 10 часот да го блокираат.

Движењето на османските сили кон Цер, според сеќавањата на војводата Ташко Арсов, го здогледал и Иван Алабакот заседнат во с. Зашле. Тој веднаш со четата се сокрил нагоре во шумата, наместо "да прати абер ваму-таму да се собере милиција и да удри на аскерот одозгора уште кај ручек сигурно ќе беа спасени сите што беа во Цер...Но пусто партизанство, омраза"356.

Војводата Ташко Арсов смета дека предавството на Узуновата чета го направил Иван Алабакот, за разлика од Анастас Митрев кој за предавник го посочува Лигушев. Меѓутоа и Алабак и Лигушев можат да се подведат под еден заеднички именител - врховизмот изразен низ сарафистите во Битолскиот револуционерен округ. За Алабакот немало место во револуционерниот реон каде дејствувал Христо Узунов. Од друга страна, пак постоела изразена нетрпеливост помеѓу Иван Алабак и Пецо Грнчаров“357 кој му се придружил на Узунов и кој со него нашол заедничка смрт во Цер. Сакањето на Алабакот да најде слободен реон за себе и омразата кон Грнчаров биле меѓу одлучувачките фактори за судбината на четата во с. Цер.

Алабакот го видел аскерот кога одел кон Цер. Само малку подоцна спокојно во шумата ги слушал грмежите на оружјето. А според законите и традицијата на Организацијата, штом една чета се наоѓала во опасност, друга чета и се јавувала на помош, сама или со милиција, според околностите. Неисполнувањето на тие закони повлекувало строга казна. Сепак, Алабакот не бил казнет единствено затоа што на чело на Окружниот комитет во Битола

стоел, како наведува А. Митрев "оформениот и докажан предавник и шпион Петар Лигушев. По наша увереност, вели Митрев, ако тој шпион и предавник немал никакви врски со Алабакот, последниот не би смеел да гледа сеир кога аскерот одел во Цер, и кога ја опкружуваше четата на Узунов, зашто како стар војвода, тој знаеше што го очекува за таков сеирџилук"358. Бидејќи Алабакот не претрпел никаква казна за кршењето на еден од основните принципи во организациониот живот, тоа може да значи дека стореното или било наредено од Лигушев или одобрено од него. Истиот за жал ќе биде предавникот и на Узуновиот другар - Ѓорѓи Сугарев. Кон ова би го кажале и додатниот аргумент, дека, Лигушев во својство на претседател на Окружниот комитет имал можност да го определува движењето и маршрутите на четите, така што можеби тој (или преку свој човек, османски шпион) можел точно да го предаде движењето на четата на Узунов за таа да биде сосема уништена.

Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11/24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник - Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била солидна и погодна за престојната борба. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себе си, несакајќи живи да се предадат на османски власти. Сведок на сликата на простреланите четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал: "На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. - Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв... Ја видов Македонија во тој момент - маченица, велика, непобедива! "359

Уште тогаш, оваа јуначка смрт, во свеста на народот израснала како редок саможртвен подвиг.

_______________________________________________________

349-Анастас Митрев, Христо Узунов, Мемоари, огледи, статии, Скопје 1974,215.

350-Христо Узунов (Охрид 22.10.1878 - Цер, Демирхисарско, 24.04.1905) деец на ТМОРО, војвода и реонски началник на четите на ТМОРО во Охридскиот револуционерен реон. По завршувањето на прогимназијата во Охрид, во 1894 година продолжил во педагошкиот оддел на солунската машка гимназија. Таму се вклучил во ученичката револуционерна група која имала задача "да поддржува во учениците патриотски дух, да ги чува своите членови од неморал, да развива саможртвеност и да подготвува идни раководители за револуционерната организација". По враќањето во Охрид, во 1897 година, Узунов веднаш се вклучил во Организацијата во Охридско. Лежел во битолскиот Централен затвор "Катилане" (1898 и 1902-1904). Учествувал на Смилевскио конгрес. На овој конгрес, помеѓу другото, биле направени фотографски снимки на повеќето учесници. Случајно или предадено, кое само по себе е индикативно, исчезнало магарето кое ги носело црните плочи за изработувањето на фотографиите за личностите кои таму биле снимени. Наша претпоставка е дека по снимените учесници на Смилевскиот конгрес, врз основа на изготвените фотографии, османските власти организирале потери во кои загинале повеќето од тие личности.

За време на Илинденското востание, Узунов бил член на Горското начелство (штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Бил учесник во спасувањето на збегот од Рашанец на околу 200 семејства. По востанието учествувал на Прилепскио конгрес на Битолскиот револуционерсн округ, каде што е избран за секретар и за окружен ревизор на четите на ТМОРО во реоните Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал во борба со османските сили кај селото Цер. (Види поопширно: Анастас Митрев, Христо Узунов....207-260).

351-Освен познатите општи објективни причини за појавата и развитокот на македонското национално-револуционерно движење кон крајот на XIX век, во Охридско постоеле причини од изразито локален карактер за брзото револуционизирање на масите. Првенствено тие беа обусловени од непосредното соседство со Албанија, класична земја на разбојничките банди во османскиот период. "Населението во целиот Охридски крај беше писнало од убиствата и терористичките инквизиции, од грабежите на добитокот и покуќнината, од обирите по патиштата над патниците: гурбетџии, кираџии, трговци и др. што се вршеа од разбојнички банди, формирани во Албанија..." (А. Митрев, цит. труд, 211; Види за тоа повеќе документи во: Српски документи за историјата на  Охридско-Струшкиот регион (1890-1940), избор и коментар Павле Митрески, Струга 2002; Британските конзули во Македонија 1797-1915, Документи, ред. Драги Ѓорѓиев, Скопје 2002).

352-Така, на пример, дознавајќи дека другите членови на охридското револуционерно началство: Андон Кецкаров, Александар Чакаров, Наум Цветинов, Лука Групчев и други тргнале кон Албанија, за да се префрлат оттаму во Бугарија, тој се спуштил со својата чета во Караорман да ги враќа и ако не се согласат со тоа, да ги стрела како дезертери, туку не ги стигнал. (Анастас Митрев, Христо Узунов (моноѓрафија), Мемоари огледи статии, Скопје 1974,244)

353-Ѓорче Петров, Спомени, 190.

354-А. Митрев, Христо Узунов,..., 209-210.

355-Дознание до жандармерискиот полк во Битола испратено на 12 април 1905 година, од заменикот командир Изрет, "Револуционерен лист", бр. 99,1929.

356-Војводата Ташко Арсов, кој при настанот во Цер бил секретар на Алексо Стефанов, војвода во Демир-Хисарско го проучил настанот во Цер и го внесол во своите "Записки" (стр. 86-87)

357-Уште на 9 април Христо Узунов добил писмо од војводата Пецо Грнчаров, кој пристигнал во Крушевско од Бугарија со 10 четници - за крушевскиот револуционерен реон. На 10 април вечерта Узунов се сретнал со Грнчаров во село Горно Дивјаци. Тој бил придружен од неговиот четник Наум Влашето од Охрид и од крушевскиот околиски војвода Ванчо М. Србакот од село Вранештица, Кичевско. Од село Горно Дивјаци, тројцата заедно со сета чета на Грнчаров - на број 13 души, заминале во ноќта за село Цер. (А. Митрев, исто, 248)

358-А. Митрев, исто, 250.

359-"Револуционерен лист", год. V, бр. 85.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 6423 пати
Просечна оцена од посетителите
 4,45 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

петок, 02 декември 2016
Моментно посетители: 74

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Први жртви на II Светска војна - Македонците
--------------------------------
 Македонија прва по ранохристијански локалитети
--------------------------------
 Киклопскиот ѕид во Македонија меѓу најстарите
--------------------------------
 Македонците и мечот
--------------------------------
 Крај на влијанието од Рим врз Цариград
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: